
Во чест на еден од најважните музички автори на овие простори, неповторливиот Влада Дивљан, неговата „Невладина Организација“ го подготви големиот концерт насловен „Само една љубов имам“, кој по повод десетгодишнината од смртта на Влада, ќе се одржи во Скопје, на 17 ноември 2025 година, во Филхармонија.
Владиниот бенд „Невладина Организација“ го предводат неговите долгогодишни пријатели и соработници Зденко Колар, Саша Шандоров, Борис Буњац и Марко Миливојевиќ, како и подмладокот Дамјан Дашиќиќ и Марко Чалиќ. Нивната најважна мисија е зачувување на Владините големи хитови и безвременски песни, и повторно доживување на неговата музика заедно со публиката.
Турнејата со овој концерт симболично започна во Виена, со фантастична премиера во градот каде што Влада Дивљан живееше и твореше од 1999 година до крајот на животот, а по Белград и Загреб, оваа есен пристигнува и во Скопје како дел од офф-програмата на фестивалот ТАКСИРАТ.
Македонската публика ќе има прилика да го чуе и види бендот кој работеше со единствениот уметник Влада Дивљан и да ги запее песните од неговиот богат опус и од сите периоди на неговата музичка кариера. Невладина Организација ќе ги изведе во живо најубавите песни од неговиот каталог – од времето на „Идоли“, па преку соло делата, до „Олд Старс“ бендот, „Невладина Организација“ и „Летно кино“.
Влада Дивљан, пејач, композитор, гитарист (10 мај 1958 година, Белград) го основа еден од водечките бендови на новиот бран „ВИС Идоли“ во 1980 година. Тие ги објавија култните албуми „ВИС Идоли“, „Odbrana i poslednji dani“, „Čokolada“ и „Šest dana juna“. Покрај тоа, има објавено уште 8 албуми за време на неговата самостојна кариера, но и со групите „Олд Старс“, „Невладина организација“ и „Летно кино“. Со Срѓан Гојковиќ Гиле, тој создаваше музика за деца, а компонираше за телевизија, филм и театар. Од 1999 година живееше во Виена, каде што почина на 4 март 2015 година.
Се навршија 10 години откако нѐ напушти еден од најуникатните музички автори од Балканот, а со концертот кој во рамки на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ ќе се одржи на 17 ноември во Филхармонија, неговите пријатели, соработници и верната публика ќе го прослават неговото вонвременско дело.
Гости на концертот ќе бидат и Кирил Џајковски и Констракта.

Пред концертот разговаравме со Зденко Колар, неговиот пријател од детството и долгогодишен соработник.

Концертот „Само една љубов имам“ посветен на Влада Дивљан ќе се одржи на 17 ноември во Скопје. „Невладина Организација“ со специјалните гости на концертот Кирил Џајковски и Констракта ќе бидат на сцената на Македонската филхармонија. Како е замислен концертот? Што ќе види македонската публика?
Концертот е посветен на Влада, но е и потсетник на сите оние прекрасни моменти што „Невладина организација“ ги помина со Влада, исполнувајќи ги нивните заеднички соништа. Оваа година сакавме да ја потсетиме публиката на Влада, но и себеси, на времињата кога беа напишани сите тие песни и да се обидеме да им дадеме ново значење. Сигурен сум дека Влада би бил задоволен од новите верзии на неговите песни.
Влада беше светски човек, многу патуваше и запозна многу прекрасни луѓе. Така го запозна Кирил Џајковски во далечната Австралија, со кого го издадоа албумот „Апарачикс“. Логично беше да го поканат заедно да отсвират еден од хитовите на Влада.
Констракта е од помладата генерација, но таа се справува исклучително добро со песните од новиот бран што Влада се чини дека ги напишал за неа.
Од најраното детство се познавате со Дивљан. Заедно ги почнавте првите чекори во музиката кога бевте членови на бендот „Фараони“ во основно училиште, па „Звук улице“, па потоа и со „Идоли“…Во тоа време свиревте поинаква музика, изгледавте поинаку. Чија идеја беше тоа?
Па, тоа беше пред повеќе од педесет години, голем дел од тоа е заборавено… И чија беше идејата да се работи оваа работа? Влада, тој беше главниот водач на бандата. И секогаш имаше решение за секоја загатка, беше упорен и пред сè успешен.
Какви беа почетоците на бендот „Идоли“? Што значеше за вас тогаш свирењето, настапите?
Би рекол дека беше случајно. Влада ги запозна Срѓан Шапер и Небојша Крстиќ во студиото со намера да вежбаат неколку песни, тој беше тапанар, Срѓан гитарист, а Небојша свиреше бас. Бидејќи тоа не звучеше баш добро, нè покани мене и Божа Јовановиќ да ги вежбаме песните на Влада. Звучеше сосема коректно, и тоа беше тоа. Влада на гитара, Божа на тапани и јас на бас, Срѓан и Небојша пееја, и се родија ВИС Идоли.
И што значеше тоа за мене, пред сè, исполнување на соништата. Бевме млади, патувавме, создававме нови контакти и уживавме во славата.

Кој го избра името ВИС Идоли?
Не се сеќавам точно, мислам дека Влада, но знам каде беше донесена одлуката. Беше во „Палилулска касина“, меана која повеќе не постои, сместена на аголот од улиците Мајор Илиќ и 27. Март. Сега таму има некаква обложувалница.
Албумот „Одбрана и последни денови“ два пати е прогласен за најдобар албум на сите времиња на овие простори. Како се носевте со славата? Продажбата на албумот? Концертите?
Славата веќе беше присутна, но само во Загреб, Љубљана, Скопје… Никогаш не го имав тоа чувство во Белград. А „Одбрана“ не се снајде особено добро, ниту во однос на продажбата, ниту на концертите. Сепак, таа година морав да отслужам воен рок, па не свирев многу концертите за промоција на тој албум.
Бреговиќ ви најавил дека бендот ќе се распадне за една година. Што се случи всушност? Како дојде до тоа?
Да, се распаднавме. Кога се вратив од војска, тоа веќе не беше бендот што го напуштив. А Бреговиќ, како искусен човек, претпостави дека тоа ќе се случи. Од моја сегашна перспектива, и самиот би го видел тоа. Да бидеме искрени, немаше расправии, кавги – едноставно бендот не беше во можност да излезе од кризата. Бегајќи од признавање дека сме немоќни да ги решиме насобраните проблеми, избегавме во незаинтересираност и на крајот се изгаснавме.
Во еден период сте работеле како возач на трамвај. Може ли да ни раскажете како еден музичар се снајде низ трамвајските пруги?
Беше период кога немаше свирки, а мораше да се живее од нешто. Ја комбинирав мојата момчешка опсесија со вагоните со потребата да не трошам пари за цигари. Инаку, работата е тешка и крајно монотона. Нема контакт со музика, освен повремено слушање музика од касетофон, што ми беше главно средство за заборавање на секојдневието.
Една песна на Вашиот соло албум се вика „ Трамвај наречен желба“. Дали е инспирирана токму од овој период на Вашиот живот?
Да. Тоа е приказната за првата тројка (тргнува од депото во 03:00 часот и завршува на терминалот „Младински стадио“ во 10:08 часот).
Разговараше: Невена Поповска
фото: приватна архива

Македонски








