Skip to main content

Четирите карактеристики на локалните избори


Четири нешта оставија посебен впечаток во периодот по завршувањето на првиот круг од локалните избори, а во пресрет на вториот. Интересно е тоа што овој пат резултатите во македонскиот политички блок не се на прво место. Тие беа сосема очекувани и извесни, иако во принцип секогаш го заземаат првото место на скалата на интересот на јавноста. Разликата во пристапот кон граѓаните, понудата на политиките, како и минатиот труд изразен преку сработеното на досегашните градоначалници и актуелната влада, претставуваа недостижен предизвик за десеткуваната опозиција. За тоа говорат фактите и бројките, особено меѓусебниот однос на освоени гласови, градоначалници и советници.

До тука работите се јасни и секое понатамошно третирање на оваа тема ќе претставува повторување на она што одамна беше апсолвирано. ВМРО-ДПМНЕ останува доминантна политичка партија, со организирана структура, капацитет за мобилизација и стабилно гласачко тело. Ако на тоа се надодаде големиот коалиционен капацитет кој што оваа партија го има развиено во повеќе слоеви, се доаѓа до заклучок дека резултатот и не можеше да биде поинаков на овие избори.

Првото нешто кое што не е јасно, а воедно е едно од четирите работи кои што оставија впечаток по завршувањето на првиот круг од локалните избори, е толкувањето на изборниот резултат од страна на челниците на СДСМ. Не е јасно дали Венко Филипче и неговите потпретседателки навистина мислат дека постигнале успех, во услови кога имаат добиено рекордно најнизок број на гласови?! Не јасно дали тие забележуваат дека нивниот број на гласови е веќе под критичното ниво за опстанок на една ваква партија. Не е јасно што сакаат да кажат кога слушаме дека говорат за успех, во услови кога СДСМ е трета или четврта партија по бројот на освоени гласови во многу општини, дури и во нивните досегашни бастиони?!

Во Скопје се четврти во изборот за градоначалник, а петти како партија во изборот на советници! „Силните“ застапници на европските вредности и демократските придобивки, својата катастрофа ја доживуваат како успех. Поголем неуспех кој се претставува како успех не е виден во ниту една земја членка на ЕУ, НАТО и сета останата западна цивилизација кон која припаѓаме. Но затоа, еве ние, преку Филипче и потпретседателките на СДСМ, даваме свој придонес во толкувањето на изборните резултати во една европска демократија.

Од ваквото толкување на резултатите срам ги фаќа и најголемите противници на СДСМ. Тоа е момент кој што укажува на тоа дека СДСМ со овој „успех“ се уште го нема допрено дното и дека тие можат да одат и подолу, во случај на некаков помал „успех“ од сегашниов. Прашањето кое што треба да си го постават е „Како понатаму?“. Бегањето од одговорност, како и бегањето да и се погледне на вистината во очи, неминовно ќе го одведе СДСМ во некој нов „успех“ кој што само актуелната раководна структура ќе може да го забележи.



Второто нешто
кое што остави впечаток е политичкиот пораз на ДУИ. Постојат бројни анализи, политички изјави и коментари кои делуваат унисоно во оценката на тоа дека ДУИ претрпе целосен пораз на сопствениот политички концепт. Иако за оваа партија не би можеле да кажеме дека има конзистентен концепт во поглед на нивното политичко делување, сепак факт е дека нивната основна линија на движење е прекината и поразена. ДУИ во своите политики кои ги ставаше на понуда пред граѓаните се движеше од радикален национализам кон едно општество за сите. Потоа се ребрендираше во некаква зелена партија. Следеше трансформацијата во некаков европски фронт, претставувајќи се како најголемиот поддржувач на ЕУ во земјава. После минатогодишните парламентарни избори, кога ДУИ загуби од ВРЕДИ и не стана дел од македонската влада, повторно бевме сведоци на националистичка реторика и закани за дестабилизација на државата.
Сепак, основната линија и најконзистентниот концепт кој што ДУИ го застапуваше во текот на сите нејзини трансформации беше криминалот, корупцијата, иселувањето и уцените на сопствените поддржувачи. Впрочем тоа го видовме од она што беше објавено во јавноста за кичевскиот градоначалник, кој како НЗС во себе ги собира достигнувањата на сите истурени кадри на оваа партија, како што се Груби, Османи, Мерко и останатите.

Симболиката на резултатите од првиот круг вели дека токму ваквите политики беа поразени, независно од одредени парцијални исходи и евентуални локални успеси кои ќе ги постигне ДУИ како партија. ДУИ дефинитивно веќе не е ексклузивниот застапник на политичките интереси на етничките Албанци. Тука веќе се гледа плурализам, борба на идеи и понуда кои секако дека ќе дадат позитивен придонес во понатамошниот развој на државата.

Третото нешто кое како генерална карактеристика го привлече нашето внимание меѓу двата изборни круга и кое што заслужува да се искоментира, е усогласувањето на политиките на владините коалициони партнери на локално ниво. Тука пред сѐ се мисли на односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ.

Факт е дека нивниот однос, соработката и политичкото делување пред првиот круг даде исклучително добри резултати. Овие резултати се потврда на исправните политики, тактиката и стратегијата која што коалицијата ги примени како еден генерален пакет, во услови на локални избори и делување во повеќе сегментирани целини.

Секоја од овие партии има сопствени цели и интереси кои е исклучително тешко да се артикулираат заеднички во различни локални средини. Досегашното функционирање на македонската политичка сцена според принципот на „племенски“ заедници, креираше услови за добивање на силна поддршка во рамките на сопствената етничка група, но во исто време беа „копани длабоки ровови“ наспроти другите. Таквата парцијализација на гласовите во еден историски период водеше кон етнички поделби и мајоризација на едните над другите.

Оваа политичка пракса има оставено длабоки траги во македонската култура на гласање и мора да кажеме дека беа очекувани таквите политички експресии од страна на поединци. Таков беше случајот со кандидатите за градоначалници од коалицијата ВРЕДИ за Тетово и Брвеница. Повеќедецениската инерција на прибирање гласови ги стави во преден план интересите на локалните протагонисти наспроти интересите на генералната политика која што ја застапува коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ.

Експресната, јасна и прецизна реакција која што следеше од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, веднаш стави крај на сите опасности од евентуалните импровизации во вториот круг, кој што можат да ја нарушат до сега стабилната владина коалиција. Потсетувањето дадено од негова страна дека постојат принципи врз кои е изградена оваа коалиција, како и укажувањето на тоа дека за секоја акција ќе следи адекватна реакција, беа момент на отрезнување и враќање на принципиелната линија на движење и функционирање на актуелното владино мнозинство.

Можеби изјавите на поедини кандидати не претставуваат нешто ново, нешто неочекувано или некакво изненадување. Реакцијата на Мицкоски, која што за само еден ден успеа да ја стабилизира владината коалиција и да ги врати процесите на вистинскиот принципиелен колосек, е она новото кое што заслужува внимание и кое што до сега го немавме видено од ниту еден од поранешните политички лидери, независно дали доаѓаа од левата или од десната страна.

Ваквиот однос на Мицкоски, со кој демонстрира почитување на политичкиот партнер, но во исто време не дозволува загрозување на интересот на граѓаните и народот кој што го претставува, добива своја препознатлива конзистентност. Таа станува јасно видлива и препознаена од гласачите. Токму во ова лежи најголемата сила и политички капитал со кој располагаат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Блиската поврзаност со народот, почитувањето и соодветното вреднување на коалиционите партнери, не потценувањето на политичкиот противник, кој патем кажано е третиран баш како противник, а не како душман, се елементи на нова политичка култура која дефинитивно ќе добие своја валоризација и поддршка и во вториот круг.

Тоа ќе претставува огромна одговорност за победниците. Тие ќе имаат отворен пат да ги реализираат зацртаните политики, како на државно, така и на локално ниво. Тоа ќе биде втора фаза во која Мицкоски ќе има можност да ги санира сите штети кои што претходно и беа нанесени на државата од неодговорните влади на СДСМ и случајните луѓе залутани на градоначалничките позиции.



На крајот, да не останеме должни и за четвртото нешто кое што го привлече нашето внимание. Благодарение на специфичните околности кои што владеат на македонската политичка сцена и благодарение на политичкиот „потоп“ на СДСМ, во Градот Скопје во вториот круг имаме трка на еден очекуван и еден не очекуван кандидат. Тоа некако го апсолвиравме и прифативме како резултат на демократските движења во државата и флуктуациите во гласачкото тело. Но, фактот дека професорот, докторот, студентот со само десетки во неговиот индекс, како и лидер на политичката партија Левица, на скопјани им понудил кандидат без завршено високо образование.

Не е срамота да имаш само средно образование. Сите познаваме многу чесни луѓе кои работат, имаат сопствени бизниси и вработуваат луѓе со факултети во сопствените компании. Македонската транзиција, меѓу другото, го создаде и таквиот ефект. Но, да не ја запознаеш јавноста со образовните перформанси на оној кој што го кандидираш за да го води главниот град, е чин на измама. Дали граѓаните на Скопје заслужуваат некој што мамел и криел информации за себе? Дали граѓаните на Скопје сметаат дека овој град може и смее да си дозволи импровизација и да биде раководен од човек кој не докажал дека има капацитет да заврши нешто кое што го започнал, факултетот на пример? Каква е гаранцијата дека ќе има капацитет да започнува, води и завршува проекти во градот?

Нема гаранција!

Поврзани вести