Skip to main content

ДеДУИзација и избори од низок интензитет

Завршија локалните избори, кои решија повеќе прашања на национално ниво. Победникот е јасен и познат, и покрај обидите да се замачка исходот, а многу јасен и познат е и најголемиот губитник – ДУИ. Да почнеме од нив.
ВМРО ја доби поддршката од гласачите за својата главна тема на изборите, и главната тема на досегашниот мандат на владата, а тоа е да се обезбеди отчетност за повеќедецениското дивеење на ДУИ и Али Ахмети. Веројатно најголем успех за коалицијата ВМРО – ВЛЕН на овие избори е што таа поддршка дојде не само, како што беше очекувано, од македонските гласачи, туку и од албанските гласачи, кои покажаа дека и на нив им е преку глава од корупцијата и криминалот, неспособноста и подгревањето етнички тензии.

ДУИ влегоа на изборите со сериозно проширена коалиција (по најновиот пребег на Таравари), со тоа и загарантирано градоначалничко место во Гостивар, градоначалнички места во Кичево и во Струга, во повеќе големи општини како Сарај и Липково, со силна поддршка од Тирана, и со сериозно чувство во јавноста дека ВЛЕН е перцепирана како вазалска партија кај Албанците. ДУИ самите најавија дека изборите во Чаир ќе бидат решавачки за да се прогласи победникот кај Албанците, ја впрегнаа нивната најнова аквизиција – градоначалничката Данела Арсовска – како и добар дел од медиумската ергела што ја делат со СДСМ, предизвикаа промена на кандидатот на ВЛЕН во Чаир и општо, изгледаше дека се во силен налет, иако премиерот Мицкоски загадочно најавуваше дека сепак ќе бидат изненадени вечерта на 19ти.
Токму тоа се случи. ДУИ претрпе тежок пораз не само во општините каде што македонските гласачи можеби превагнаа во полза на ВЛЕН, туку и во доминантно албански општини. Како што стојат работите, ДУИ нема да управува со ниту една урбана општина. Едната градоначалничка обеда на која може да се надеваат – во Гостивар – е повеќе победа на Алијансата на Таравари, што може скапо да ги чини, знаејќи дека човекот тешко стои на едно место. Прашање е дали и другата Алијанса, на Зијадин Села, како и други помали приврзоци, ќе останат верни на веќе остарениот лав Ахмети кој на овие избори покажа дека не може да ги држи под контрола помладите лавови како што е Изет Меџити. А законите на глутницата се немилосрдни.

Владата денес има недвосмислен мандат да продолжи со процесот на деДУИзација на македонското општество. Под тоа подразбираме неказнивост за одреден број политичари и бизнисмени, нафтени тајкуни, градежни инвеститори и слично, кои ја користеа недопирливата позиција на ДУИ како неизбежен дел од секоја коалиција за буквално да прават што сакаат.
ДУИ е партијата на УЧК која ја почна војната во 2001 година. ДУИ е партијата која во тесна координација со други држави на Македонија и наметнува низа политички одлуки штетни за македонските национални интереси, од промената на општинските граници до преземањето на преговорите за македонскиот национален идентитет и историја со Бугарија. Ако во коалицијата со ВМРО добија амнестија и имаа моќ сразмерно на процентот на албанското население во Македонија, во мандатите на Заев и Ковачевски ДУИ стана прво поголемиот, па доминантниот коалициски партнер. Од партијата која бараше победник со победник, да бидат застапени поголемите партии од двете најголеми етнички заедници, до партија која прогласи дека ова правило не важи за неа и дека таа ќе решава кој ќе го застапува македонскиот народ во владата. ДУИ ја доби премиерската функција, министерствата за надворешни и финансии, вицепремиерска функција преку која го креираше договорот со Бехтел вреден милијарди евра. Во едно интервју, во момент на искреност, Ахмети рече дека до толку го имал седнато Заев во скут што овој му нудел премиерска функција и две години, а не само 100 дена пред избори, но на самиот Ахмети му изгледало дека тоа е претерано и така премногу ќе го урниса угледот на СДСМ, па се согласил на 100 дена премиер и други компензации. Да се потсетиме како една од првите работи што ги направи Талат Џафери откако СДСМ го направија премиер на државата беше да отиде во општина Тетово и пред камери да и се сили на македонски службенички. Да покаже кој е шефот, ако на некого уште не му беше јасно.


За опстанокот на државата, за одржување на некаква меѓуетничка рамнотежа во Македонија, неопходно беше ова да престане, и затоа стратегиски точна беше одлуката на премиерот Мицкоски да одбие коалиција со ДУИ и да се посвети на нивно детронизирање од власта.

Очајнички обид да се спречи овој процес направи партијата Левица. Оваа божем патриотска опција (која кандидира припадник на етничко малцинство за градоначалник на Скопје) го обвини ВМРО зошто нема македонски кандидати во градови како Тетово и Струга, обвинувајќи дека со тоа наводно ВМРО ги напуштило Македонците во западна Македонија. Левица секако тука виде шанса лесно да го набилда своето конто гласови со свои кандидати кои секако немаа шанса да победат.

Што има попатриотско од гласање за кандидат кој конечно ќе стави крај на политичката кариера на Али Ахмети? Гласање да се пензионира (а богами и процесуира) човекот кој буквално го гранатираше Тетово? Кој благодарение на своето политичко влијание со децении се спасуваше како од обвиненијата за воени злосторства така и за масовната корупција што ја вршеше? Претходниот обид за отстранување на Ахмети од политичката сцена беше поразен во 2008 година под силен притисок на меѓународната заедница. Сега, конечно се создадоа и меѓународни услови (САД веќе не му го чуваат грбот како порано, напротив, му ги ставија Артан Груби и Рамиз Мерко на црна листа), а создадени се и домашни услови со критична маса и кај Албанците, на кои им здодеа да ги трпат неговите злоупотреби и корупција под превезот на „херојската епопеја од 2001“. Ахмети се најде напуштен од сите, само Левица се обиде да му дотрча на помош. Каква ситуација.

Се покажа дека ВЛЕН се доволно добро организирани да ја искористат оваа критичка маса кај Албанците. Падот на Ахмети не е резултат на тактичкото гласање на голем дел од Македонците во Тетово, Чаир и Струга за ВЛЕН, туку процесот го водат самите Албанци. Исто како што Ахмети и други албански и странски фактори организираа тактичко гласање за СДСМ во 2016та година, со што ја преполовија албанската застапеност во Собранието, само да ја срушат владата на ВМРО, да го донесат Заев на власт и преку него да ги реализираат своите национални интереси.
Што правеше ДУИ во пресрет на изборите? Се закануваше со етнички тензии, најавуваше дека по победата на изборите ќе влезе во Владата и ќе ги користи своите меѓународни контакти да продолжи на Македонците да им наметнува национални отстапки и концесии, ги користеше спијачите инсталирани во обвинителството и судството да ги саботира големите анти-корупциски истраги вредни десетици, а една и над 150 милиони евра, со помош на градоначалничката предизвика колапс на јавните услуги во градот Скопје, а беа обвинувани дури и за вмешаност во сериозните летни пожари. Секој потег што ќе придонесе кон политички пораз на оваа опција е врвен патриотски чин и верувајте дека тие што ве убедуваат во спротивното тоа го прават од задни намери. Единствена цел на „патриотскиот“ чин на Левица беше да се направи обид да му се помогне на Али Ахмети уште еднаш да се спаси од одговорност и да остане властодржец на македонската политичка сцена, а се надевам дека наскоро ќе дознаеме и како ДУИ им се оддолжиле на таа услуга.
Толку за процесот на деДУИзација. Втората тема која произлезе од изборите, која се обидуваат да ја наметнат СДСМ како најсериозни губитници на изборите, е падот на гласачите за ВМРО во споредба со парламентарните избори 2024 година. Па се водат расправии дали изборите требало да се споредуваат со претходните избори, или со претходните локални избори. Но, реалноста е дека претходните два изборни циклуси во 2021 и 2024 година беа пресудни, решавачки избори, а сега имавме избори од низок интензитет на кои ништо не се решаваше (освен судбината на ДУИ и колку таа партија ќе може да прави проблеми во иднина).

Локалните избори во 2021 година беа прв чекор кон рушење на режимот на ДУИ и СДСМ. Заев самиот ги прогласи изборите во Скопје како решавачки момент од кој ќе зависи дали ќе остане премиер или ќе се повлече од политиката. По сите зулуми што ги направија претходните години, имаше критична маса граѓани подготвени боси да газат преку срча само да гласаат за да падне Заев. Слично и на изборите 2024 година, кога ДУИзацијата на владата веќе беше во полн ек, а раководството на СДСМ отворено молеше да се формира трајна коалиција ДУИ-СДСМ во очајна надеж дека така ќе го спроведат до крај Францускиот Предлог со „балканските тактики“ на Јоханес Хан, и покрај анкетите кои покажуваа масовно противење на јавноста. Благо кажано, мотивацијата на граѓаните да гласаат против оваа перспектива за државата, од 1 до 10, беше на 11.

Атмосферата за сегашните локални избори е сосем поинаква. Владата генерално го испорачува тоа што вети дека ќе го прави – кривични истраги за бесрамната корупција на претходната власт (за кои сега чекаме да добиваат посериозна разрешница во судството), Владата опстојува на македонските национални позиции во спорот со Бугарија и бара од ЕУ гаранции пред да се разговара за било какви компромиси, ги довршува децениски заглавените инфраструктурни проекти, носи нови инвестиции во енергетиката.. Дури и протестна партија како Левица нема некоја тема на која би можела да протестира, па се принудени да зборуваат во општи фрази „системот, богаташите, капитализамот“..

На овие избори, на граѓаните им беше јасно дека во моментов, шансите СДСМ да повторно да се приближи до власта се минимални. Имаше сериозни шанси ДУИ да предизвика политичка криза со победа на локаните избори, и затоа видовме масовна излезност во некои од албанските општини, но кај македонските гласачи има чувство дека работата е завршена уште во 2024 година. И за очекување е дека тоа чувство дека работите се вратени во нормала ќе се одрази и на излезноста – ако во 2024 година луѓе презакажуваа одмори и викенди, и планираа да дојдат во Македонија од странство само за да гласаат, таква ургентност на овие избори немаше, и тоа секако се одрази на излезноста.

СДСМ се обидува да најде некаков зрак светлина во епохалниот пораз што го претрпеа, со која им потона секаква надеж за скорешно влегување во широка коалиција или враќање на власт преку ДУИ. Но, лично сметам дека спомените од нивното владеење се толку длабоко врежани во македонската психа што ако се случи на некои наредни избори СДСМ повторно да се приближат до некаква шанса за победа, ќе видат контра-мобилизација на гласачите против нив на нивото од 2024 година. А дотогаш, нормално е граѓаните малку и да се одморат од политика и да остават работите да течат по својот природен тек.

А еве, дури и ако политиката се сведе на борба на партиските бази, преку избори со низок интензитет и низок ентузијазам, ВМРО има трипати поголема база од СДСМ, додека за Левица прашање е дали воопшто има база, или само повеќе или помалку успешно го јава бранот на моментално незадоволство. Ако политиката се сведе на борба на партиските бази, ВМРО во недоглед ќе излегува како победник против две далеку помали опозициски партии. СДСМ веќе има проблем со регионални фракции како ЗНАМ, струмичката фракција на Костадинов, скопската екипа на Шилегов, и прашање е колку долго ќе остане како единствена партија. Минатиот пат, за СДСМ да биде донесена на власт, беше потребен ангажман без преседан на американски и европски дипломати, се истурија десетици милиони евра и долари преку пет години, се користеа крајно нелегални средства, снимки, терористички напад врз Куманово, притисоци и уцени и сомнително префрлање албански гласови на контото на СДСМ. Ветувањата кои ни беа дадени од организаторите на овој преврат, во форма на позитивни најави за брзо членство во ЕУ и просперитет, беа целосно изневерени со што кредибилитетот на СДСМ и нивните странски партнери е трајно нарушен. Навистина не знам што би можело следниот пат да се направи за вакво полу-умрено СДСМ да се донесе пак на власт во некој догледен рок? Ќе се потпираат на скоро 70 годишниот Ахмети на кого пола партија му бара пристапница во ВЛЕН? Ќе прават коалиција со Левица која има декларирана цел да го пасокизира СДСМ? Ќе пригреваат празни ветувања од дволичната ЕУ? Ќе чекаат директорот на ЦИА пак да дојде кај Еди Рама за да ги насочува албанските партии? (патем директорот на ЦИА кој интервенираше за создавање на Тиранската платформа штотуку заработи кривична пријава од Трамп). Стекот на околности кој е потребен за СДСМ пак да стане фактор е крајно неверојатен. Затоа, јас можеби сум старомоден но за мене, победа е победа. ВМРО е неприкосновен победник на овие избори, е незаобиколен фактор на политичката сцена, и никој не може да му диктира услови или поставува барања.