Skip to main content

Венецијанската комисија препорачува јавниот обвинител да се избира и да се разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието

И покрај неколкуте недостатоци, предлог-законите за Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители имаат многу позитивни карактеристики – наведува Венецијанската комисија на Советот на Европа во мислењето кое за двете предлог-законски решенија во јули годинава го побара министерот за правда Игор Филков.

Една од клучните препораки што ги дава Венецијанската комисија е мандатот на јавниот обвинител да е без можност за повторен реизбор. Сепак, за оваа новина, како што наведуваат од Комисијата, се предвидуваат промени на Уставот, а не на законот за Јавно обвинителство. Дополнително, се препорачува јавниот обвинител да се бира со квалификувано, односно двотретинско мнозинство во Собранието.

„Со оглед на важноста на прашањата за автономија и релативна независност на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува пред сè, во контекст на идна уставна реформа, Уставот да се измени во овие точки, за да не се предвидува можност за повторно назначување на јавниот обвинител и да се обезбеди квалификувано мнозинство во Собранието за негово назначување и разрешување“,се наведува во мислењето на Венецијанската комисија.

Комисијата препорачува менаџерските и организациските вештини да се вбројуваат во критериумите за позицијата јавен обвинител, да се предвиди дека секоја кривична пресуда што подразбира затворска казна го прекинува мандатот на обвинителите, како и да се бара Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешување на јавниот обвинител.

Дополнително, се препорачува можноста две последователни негативни оценки за работењето да се отстрани од листата на „најтешки дисциплински прекршоци“ што би можеле да доведат до разрешување обвинител, како и да се разјасни дека одговорноста на јавниот обвинител пред Собранието не се однесува на поединечни обвинителски одлуки и гонења на Јавното обвинителство. 

Во однос на предлог-законот за Советот на јавни обвинители, Венецијанската комисија препорачува да се преиспита времетраењето на професионалното искуство за сите членови на Советот, како и да се предвиди дека обвинителските функции на обвинителите избрани за членови на Советот се суспендирани во текот на мандатот.

„Да се обезбеди алтернатива на начинот на кој ќе се избираат членовите, со што ќе се обезбеди избор базиран на заслуги, интегритет и разновидна застапеност. Да се разјаснат концептите ‘влијае врз автономијата на јавните обвинители’ или ‘ги занемарува или не ги извршува своите функции и должности во работата на Советот’ како основа за разрешување на членови на Советот на јавни обвинители. Да се вклучат дополнителни заштитни мерки за да се спречи критичните одлуки, вклучително и одлуките за предвремен престанок на мандатот на членовите на Советот, неизбежно да бидат определени од обвинителското мнозинство во Советот“,се наведува во мислењето на Комисијата.

Во документот, Венецијанската комисија додава дека останува на располагање на властите во Македонија за понатамошна помош по ова прашање.

Целосното мислење на Комисијата по однос на предлог-законите за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители е достапно на следниот линк.

Поврзани вести