
Во рамки на фестивалот „Златна лира 2026“, вечер во Музејот на македонската борба ќе настапи Дуо пијано, составено од пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски.
На програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Франц Шуберт, Винченцо Белини и Едвард Григ, при што посебен акцент е ставен на премиерната изведба на „Две симфониски пиеси“ од Григ.
Јасна Аврамовска е пијанистка со долгогодишна концертна и педагошка кариера. Музичкото образование го стекнала во Скопје и Софија, а настапувала на бројни фестивали и концертни сцени во земјава и странство, соработувајќи со истакнати македонски и меѓународни музички уметници, оркестри и ансамбли.
Дарко Мариновски дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Покрај концертната дејност, активен е како композитор, аранжер, музички педагог и универзитетски професор. Во својата кариера има создадено музика за филм и театар и реализирано настапи во земјата и во странство.
Организаторите најавуваат програма што обединува дела од различни музички стилови и епохи, од барокот до романтизмот.
Влезот на концертот е слободен.

Македонски

