Skip to main content

Самостојната изложба „Точка на вриење“ на Мартина Павлеска од денеска во Мобилната галерија во Паркот на франкофонијата

На 21 октомври, со почеток во 21 часот, во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје ќе биде отворена самостојната изложба „Точка на вриење“ на младата уметница Мартина Павлеска.

Како искуствата од детството го обликуваат човекот и каде е границата меѓу потребата да бидеме прифатени и желбата да останеме свои? Овие прашања се во фокусот на изложбата „Точка на вриење“ на Мартина Павлеска, која ќе биде отворена на 21 октомври во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје.

Преку серија ликовни дела, младата уметница ги истражува сложените односи меѓу сеќавањата, емоциите, надворешните влијанија и внатрешните конфликти што го обликуваат човечкиот идентитет.

Детството во нејзините дела не е претставено како идеализиран период на безгрижност, туку како почетна точка на психолошките и емоционалните процеси што продолжуваат да влијаат врз личноста и во зрелоста.

Особено место во изложбата зазема судирот меѓу желбата за прифаќање и потребата за индивидуалност. Преку поедноставена фигурација, слики и цитати, Павлеска ја истражува кревката граница меѓу автентичното „јас“ и очекувањата на другите.

Несигурноста во овој циклус не се третира како слабост што мора да се надмине, туку како простор за самоспознавање, преиспитување на сопствените вредности и потрага по лична слобода.

„Точка на вриење“ го претставува идентитетот како променлива категорија што постојано се обликува преку минатото, сегашноста и индивидуалните стремежи.

Мартина Павлеска е родена во 2004 година и студира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката ликовна педагогија.

Досега учествувала на повеќе групни изложби во земјата и регионот и е добитничка на повеќе награди. Активна е и во реализирање уметнички работилници и едукативни проекти, меѓу кои и активности со ученици од училиштето „Партение Зографски“ во Чифте амам, како и проектот „Споменици на иднината“ во КСП Центар Јадро.

Таа учествувала и во реализацијата на делото „ПИЕТА – Во прекривките на ургентноста“ на уметникот Велимир Жерновски, претставено на Венециското биенале за уметност во 2026 година.

Изложбата ја организира Центарот за современи уметности – Скопје, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.

Поврзани вести