Skip to main content

Зголемен е бројот на млади кои заболуваат од карцином, на штипското онколошко одделение годишно се прават 4.000 прегледи

Илустрација

На одделот за онкологија при Клиничка болница-Штип годишно се прават 4.000 онколошки прегледи и тоа се пред сѐ пациенти од источниот регион, вели онкологот Марија Караколевска. Таа забележува дека оваа бројка говори и дека инциденцата на малигни заболувања е во пораст.

Инциденцата и на млади пациенти, за жал се зголемува, односно се намалува возрасната граница во однос на сите типови на карциноми, не одделни. Меѓутоа, инциденцата да, се зголемува, но и преваленцата. Всушност тоа е бројот на сите заболени. Тоа е така, но во позитивна смисла имаме и напредок во лекувањето и на тој начин имаме и продолжување на животот на овие пациенти, изјави Караколевска.

Таа посочува дека најчести форми на карцином кои ги откриваат кај пациентите се на дојка, бели дробови, простата, а во изминатиот период сѐ почест е и меланомот, карциномот на кожата, што според експертите најверојатно се должи на недоволната заштита од сончевото зрачење.

Карколевска апелира и за зголемување на свеста кај граѓаните, во врска со скрининг програмите и превентивните прегледи, бидејќи само така болеста ќе се фати во ран стадиум и како што вели таа, излекувањето ќе биде успешно.

Тука треба да работи примарната здравствена заштита, да се подигне свеста и значењето на скрининг програмите, бидејќи тоа се пограми за да се дијагностицира карциномот, да се фати во најраниот стадиум, кога излекувањето е 90 проценти. Значи во тие 100.000 пациенти, опфатени во скрининг програмата и еден пациент да се фати во ран стадиум е 100 проценти за тој еден пациент, вели Караколевска.

Додаде дека населението мора и здравствено да е едуцирано, за кои се тие првични симптоми, кои што би укажувале дека станува збор на некое малигно заболување. Во едукацијата треба да се вклучи и примарната здравствена заштита и редовно да се има прегледи.