Skip to main content

СЗО: Новата подваријанта на Ковид-19, наречена „Нимбус“ е многу позаразна поради мутации на т.н. „спајк“ протеин

Новата подваријанта на КОВИД-19, наречена „Нимбус“ (NB.1.8.1), брзо се шири во светот, вклучително и кај нас, и привлекува внимание поради еден необичен симптом: силна болка во грлото, која заболените ја опишуваат како „да голташ жилети“.

Според Светската здравствена организација, станува збор за подваријанта на Омикрон, која е многу позаразна поради мутации на т.н. „спајк“ протеин. Сепак, засега не предизвикува потешка клиничка слика.

Иако се смета дека „Нимбус“ предизвикува посебно интензивна болка во грлото, експертите предупредуваат дека тоа е само анегдотски наод. „Овој симптом не е нов, но ако имате изразена болка – направете КОВИД-тест“, советуваат докторите. Дополнително, потсетуваат дека не треба да се исклучи и можноста за стрептококно воспаление на грлото, кое бара антибиотска терапија.

Меѓу најчестите симптоми на КОВИД-19 остануваат: треска, кашлица, замор, болки во телото, губење вкус или мирис, а повремено и дијареа, осип и иритирани очи.

Иако сојот „Нимбус“ засега не предизвикува посериозни форми на болеста, неговото брзо ширење и необичниот опис на симптомите го прават предмет на внимателно следење од страна на здравствените институции.

Две лица починале од КОВИД-19 во Македонија од почетокот на 2025 година

Од Институтот за јавно здравје информираат дека до 8 јуни 2025 година се регистрирани вкупно 49 заболени лица од КОВИД-19. Бројот на новозаболени во мај (n=6) е за 33,3% помал во однос на април (n=9). Во истиот период, пријавени се и два смртни случаи асоцирани со КОВИД-19 – во јануари и април.

Во текот на 2025 година, заклучно со 8 јуни, тестирани се вкупно 5.631 примероци за SARS-CoV-2, во лабораториите за молекуларно и антигенско тестирање. Просечниот процент на позитивност изнесува 0,9%.

Од ИЈЗ дополнуваат дека во последниот период се бележи континуирано низок процент на позитивност. Ниската стапка на трансмисија, намаленото известување и мал број тестирани примероци преку сентинел системите влијаат врз можноста за прецизна проценка на епидемиолошката состојба.

Тековно циркулирачките варијанти, според нив, најверојатно нема да предизвикаат зголемување на сериозноста на инфекцијата или намалување на ефективноста на вакцините против тешка форма на болеста.

Поврзани вести