Во амфитеатарот на Деканатската управа на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше промовиран првиот интегриран учебник по Гинекологија и акушерство напишан на македонски јазик.
За добра едукација на студентите, освен добри професори, потребна е и квалитетна литература. Првиот интергриран учебник на македонски јазик „Гинекологија и акушерство“ е значаен чекор кон унапредувањето на медицинското образование. И во ова време кога студентите одлично владеат барем еден странски јазик, учењето на мајчиниот – македонски јазик овозможува најефективно стекнување трајни знаења, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на Медицински факултет Скопје.
Посочи дека не е лесно да се направи квалитетен учебник и честитајќи им на авторите, апелираше до научните работници и професорите да го следат примерот како влог во поквалитетно образование на нашите студенти.
Знам дека за идните гинеколози и акушери новиот учебник ќе биде големо олеснување. Тие одбрале благородна професија и тој ќе им помогне во успешно совладување на знаењата“, додаде Јаневска.
Сеопфатниот учебник опфаќа 990 страници и е поделен на 89 поглавја, кои се однесуваат на сите аспекти на гинекологијата и акушерството. Со придонеси од 66 автори, вклучително водечки професори и медицински професионалци од различни катедри на Медицинскиот факултет, овој учебник служи како суштински ресурс за студентите по општа медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Објавувањето беше завршено во ноември 2024 година со почетен печатен тираж од 200 примероци на македонски јазик.
Овој настан претставува гордо достигнување и за Медицинскиот факултет и за пошироката медицинска заедница.