Skip to main content

Програмата „Мобилен кабинет“ на министерството за здравство почна од Штип

Мобилниот кабинет на министерот за здравство секоја сабота ќе ги посетува болниците и здравствените установи во земјава. Mинистерот за здравство, Азир Алиу ќе има средби со граѓани, студенти, како и со вработените во здравствените институции низ земјава. Тој денеска  Програмата „Мобилен кабинет“ ја почна од Штип, каде што имаше средба со кандидатите за вработување, кои се пријавија на распишаниот оглас за вработување на општи лекари и медицински персонал, а потоа имаше средба со граѓани, студенти, како и со раководството на Клиничка болница-Штип.

Алиу вели дека со директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев направиле анализа што е потребно за подобрување на здравствените услуги во болницата.

Ценам дека и понатаму, после овој наш заеднички работен ден ќе направиме работни групи и процесите коишто цениме дека треба да завршат до крајот на годината ќе ги почнеме од понеделник, а другите ќе ги ставиме како работни акции за 2026 година, рече Алиу.

Тој истакна дека е свесен за условите во штипската Клиничка болница и затоа се инвестираат 145 милиони евра, во доизградба на новата болница, Факултетот за медицински науки и Студентски дом  во Штип.

Очекувам многу наскоро да биде видлива и ќе имаме еден од најмодерните, не само во Македонија, туку и на Балканот. Центар којшто ќе пружи здравствени услуги коишто се квалитетни и на ниво на европските здравствени услуги. Исто така, тука заради профилот унивезитетски град, многу се радувам и за тој нов објект на Факултетот, којшто освен инфраструктурно ќе биде изграден од почеток, од темел, ќе има и лаборатории, коишто заслужуваат новите идни доктори да работат и да се обучат во тие мултифункционални лабаратории, вели Алиу.

Заедно со изградба на нови болнички капацитети ќе се работи и на дигитализација на здравствениот систем. Алиу најави дека се разгледуваат и можности за воведување на теле медицина, односно лекарот, иако не е физички присутен во операционата сала, преку видео врска ќе може да биде присутен на интервенцијата. Вакво нешто се разгледува и за воведување во болницата во Штип. Тој додаде дека во наредниот период ќе работат и на надминување на проблемот со недостиг на лекари, медицински сестри и технички персонал низ болниците во земјава.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев изјави дека се благодарни што „Мобилниот кабинет“ почнува токму од Клиничка болница-Штип, со цел министерот за здравство и неговиот кабинет да бидат поблиску до граѓаните и пациентите. Захариев вели дека на денешното тестирање имале 49 кандидати, а огласот е за вработување на седум општи лекари, девет медицински сестри и два фармацевти.

Проблемот со недостаток на персонал е голем. Дали се доволни овие вработувања? Не, не се доволно, а сега со министерот што разговараме веќе имаме најава за планови што можат да помогнат, за да има вработување и на неопределено и на друг персонал којшто работи во болницата, посочи Захариев.

Тој додаде дека очекува во наредниот период да имаат вработување пред се на помошен персонал, односно на болничари и хигиеничари. 

Поврзани вести