Skip to main content

Проф. д-р Алексиоска Папестиев, директорка на ГАК: Треба да се ажурираат протоколите, да не се прави непотребно царски рез

Принтскрин од видео

Во нашата држава, а тоа е и светски тренд, процентот на царски резови навистина е зголемен. Треба да се ревидираат клиничките протоколи, затоа што секој царски рез понатаму носи ризици и за мајката и за новороденчето, кажа денеска директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев на прес-конфренција во Министерството за здравство.

Царскиот рез некогаш е оправдан затоа што за животот на мајката и животот на бебето има оправдани индикации. Меѓутоа, според Светската здравствена организација, оправданата индикација е од 15 до 20%. Веќе на светско ниво, некаде процентот на царски рез е 33%. Тоа е како воведување на антибиотици, антикоагулантна терапија, вели директорката на ГАК.

Проф. Алексиоска – Папестиев објасни дека секогаш по третиот царски рез, сите светски протоколи предвидуваат стерилизација на мајката, затоа што секој нареден царски рез е компликација.

Д-р Алексиоска Папестиев смета дека наредниот фокус треба да биде на ажурирање на протоколите и на препораките царски рез да не се прави непотребно / фото: Министерство за здравство

Меѓутоа, ние не можеме да ја стерилизираме мајката без да имаме согласност од неа. Треба да се ревидира мајчината смртност, затоа што сè повеќе веројатно постари пациенти со коморбидитети раѓаат и сè повеќе имаме гинеко-онколошки пациенти коишто заради возраста веќе имаат и онколошка болест, а понатаму и раѓаат. Така што, наредниот фокус, треба да биде на ажурирање на протоколите, на препораките за царскиот рез. Непотребно да не се прави. Тука треба да се вклучат сите здравствени институции — почнувајќи од Клиниката каде што се слеваат сите најсложени случаи, до приватните болници каде што малку се полиберални за поставување на индикација на царски рез, и до сите останати здравствени институции во регионот. Царскиот рез некогаш може да го спаси животот на мајката и бебето, меѓутоа ако е непотребно направен, понатаму може да доведе до компликации, изјави проф. Алексиоска – Папестиев.

Протоколите обично се менуваат на тој начин што се вклучуваат експерти од областа и се следат протоколите коишто веќе се донесени од светските водичи коишто се базирани на податоци и резултати добиени од претходни истражувања. И тие се протоколи коишто се даваат и се праќаат до сите здравствени институции коишто треба да се следат. На тој начин се покриени здравствените работници, а се покриени и самите пациенти.

Поврзани вести