
Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов, кој спаси 21 лице во пожарот во дискотеката во Кочани, беше примен на Клиниката за токсикологија заради белодробни потешкотии, односно експозиција или вдишување на зголемени концентрации на јаглероден моноксид. Тој вчера е пуштен на домашно лекување.
Директорот на Клиниката за токсиколгија Андон Чибишев денеска изјави дека Јован е во одлична состојба.
Си отиде дома нашиот херој, рече Чибишев.
Како што напомена, препорачано е во наредните седум дена да направи уште една контрола, а во наредните два до три месеци сите пациенти кои вчера биле испишани, вклучувајќи го и Јован, ќе бидат под опсервација на Клиниката, во случај да не пропушти нешто.
Чибишев рече дека Јован добро ја прифатил терапијата и е во подобрена општа клиничка состојба.
Младиот Јован денеска во гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница беше пречекан со аплауз, а видео од пречекот беше споделено на Фејсбук. Веста ја објави и министерот за здравство Арбен Таравари на својата Фејсбук страница.