
Клиниката за кардиохирургија во Скопје е во тешка состојба поради недостиг на стручен кадар и во моментов е „многу лимитирана“ со операции, потврди министерот за здравство Азир Алиу.
Денеска имав состанок со директорот и колеги од Кардиохирургија. Недостасуваат стручни лица, не само во Кардиохирургија, туку во поголем дел клиники во Скопје,“ изјави тој, додавајќи дека клиниката е „многу лимитирана во моментов за операции“.
Алиу најави иницирање билатерален договор со Словенија, според кој нивни доктори би доаѓале во Македонија на период од три до шест месеци, додека македонски лекари би оделе таму на обука и размена на знаења.
Веднаш иницирав да се склучи билатерален договор меѓу Македонија и Словенија со цел да имаме мобилност на доктори и медицински сестри меѓу двете држави. Здравството е сензитивен ресор заради времетраењето за креирање на профил за кој се потребни десет години. Затоа нашиот пристап од средно стручно образование до факултет и до специјализација ќе биде да ги проектираме тие капацитети за минимум десет години во здравството, истакна министерот Алиу.
Тој појасни дека со билатералниот договор ќе може доктори да работат привремено тука, три до шест месеци, а процедурата е се уште во рана фаза, и исто така наши доктори да работат во Словенија, што значи пренос на знаење и нови технологии.