Skip to main content

Клиниката за психијатрија во Скопје го вдоми лабрадорот Роџер кој им помага на пациентите во терапискиот процес

Принтскрин од видео

Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје на социјалните мрежи објави дека го вдоимла Роџер, лабрадор стар две и пол години кој им помага на пациентите во терапијата, исклучиво под надзор на лица од стручниот тим и во согласност со пациентите.

Причините за вдомувањето на Роџер, според директорката на клиниката, проф. д-р Славица Арсова е имплементацијата на Animal Assisted Activities (активности поддржани од животни) – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни (најчесто кучиња) со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите.

Како што објавува Клиниката, Роџер бил вдомен неодамна и за исклучително кратко време се прилагодил на персоналот и на пациентите и како што велат нивниот нов „четириножен „колега“ е обожаван едноставно од сите.

Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата. Активностите на Роџер на клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на лица од нашиот стручен тим и се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег, сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња, како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“, вели проф. д-р Арсова.

За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола, има уреден здравствен и вакцинален статус и за него се грижат членовите на персоналот, а под надзор и мониторинг постепено се вклучуваат и пациентите, со нивна согласност.

Роџер бил вдомен неодамна и за исклучително кратко време се прилагодил на персоналот и на пациентите / фото: Принтскрин од видео

Активностите на Роџер започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, тој нема контакт во деловите од установата каде што има храна или лекови, a неколку пати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите – доброволци од дневната болница.

Лабрадорот е една од најчесто користените раси при активностите поддржани од животни, бидејќи неговите природни карактеристики совршено одговараат на барањата на тераписката средина.
„Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување и имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Оваа раса интуитивно реагира на човечки емоции, односно препознава тага, страв или анксиозност и природно нуди утеха преку контакт и присуство, без наметнување“, додава директорката на Клиниката за психијатрија.

Дополнително, лабрадорите брзо учат, лесно следат команди и имаат исклучително висока толеранција на физички контакт – прифаќаат допири, галење и близина без да покажат вознемиреност. Сите овие карактеристики ги има и нашиот Роџер, кој ни донесе многу позитивна енергија на клиниката!, додаваат од Клиниката.

Поврзани вести