
Институтот за јавно здравје објави Акциски план за справување со топлотни удари 2025 – 2030 во кој препорачуваат училиштата и факултетите да обезбедат климатизирани простории за учење и редовно да ги информираат учениците и наставниот кадар за здравствените ризици од високите температури.
Покрај тоа, се препорачува социјалните служби да преземат мерки за заштита на ранливите категории, како што се постарите лица и лицата со хронични заболувања, преку обезбедување места за ладење и бесплатна вода за пиење. Исто така, од ИЈЗ велат дека градинките имаат посебна одговорност за заштита на децата и треба да обезбедат климатизирани простории и активности кои не бараат изложување на директно сонце.
Ова се само дел од препораките содржани во Акцискиот план на ИЈЗ кој содржи и протоколи, меѓу кои е и оној за одвивање на воспитно-образовниот процес во основните и средните училишта, во услови на топлотен бран.
Наставата треба да започне не подоцна од 07:30 часот, се одвива со скратени часови во времетраење од 20 минути и треба да заврши најдоцна до 12:30 часот, по претходно донесена одлука на Владата. Училиштето организира продолжен престој доколку може да обезбеди климатизирани училници во кои има услови за подолг престој на учениците. Прозорците од училниците треба да имаат ролетни или завеси кои не пропуштаат светлина. Ако имa внатрешно разладување, во текот на денот кога е најтопло прозорците се затворени и покриени, а проветрувањето се прави наутро или навечер кога е посвежо. Училиштето треба да ја контактира најблиската здравствена установа за да организира информативни сесии за препознавање на знаци на топлотни грчеви и сончаница, како и стратегии за справување“, наведено е во протоколот кој е наменет за училиштата.
Во документот се содржани и препораки за работодавачите, кои имаат обврска да ги проверат техничко-технолошките колективни мерки за заштита специфични за работни места на отворен и во затворен простор (адекватна вентилација и, по можност, климатизација).
Потребно е и контролирање на микроклиматските параметри, обезбедување минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“, каде вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата, потоа, обезбедување вентилатори за побрзо струење на воздухот, редовно одржување на системите за ладење, поставување на работните станици што подалеку од директна сончева светлина или од изворот на топлина“, наведено е во планот.
Како што се додава, во услови на топлотен бран потребни се почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување климатизирани простории и течности за пиење и електролити, намалување на интензитетот на работата и нормите во производството, избегнување прекувремената работа и прекин на работата по потреба.
Вработените треба да знаат рано да препознаат симптоми предизвикани од изложеност на високи температури како топлотно исцрпување или топлотен удар (исцрпеност, слабост, замор, главоболки, несвестица, бледило, вртоглавица, повраќање, вознемиреност, конфузија, колапс, конвулзии, шок). Оние кои пројавуваат некои од горенаведените симптоми не смее да се дозволи да одат дома додека не се стабилизираат бидејќи најголемиот број смртни случаи од топлотен удар се случуваат на пат за дома“, наведено е во Акцискиот план.
Како што се наведува, во Македонија, зачестената појава на топлотни бранови во последните години, има значајни последици врз здравјето на населението, што предизвикува и зголемено оптоварување на здравствениот систем во целина. Од ИЈЗ сметаат дека бројот, времетраењето и интензитетот на топлотните бранови во иднина ќе се зголемуваат.