Skip to main content

Избрани најдобрите работници на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје

На Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје денеска шести пат беа избрани најдобрите работници. Елизабета Сајкова-Ангеловска е најдобар работник за 2025 година со посебен придонес за Клиниката, Анѓела Дебрешлиоска е најдобар доктор, најдобар радиолошки технолог е Игор Ристески, а Бојан Миов е најдобар медицински техничар. Најдобар болничар е Елхам Бајрами, Даниела Велковска е најдобра хигиеничарка, Рилинд Садику е најдобар административен работник, а најдобра единица е Одделот за специјалистичко-консултативна дејност – амбуланта.

Добитниците добија официјално признание од Клиниката, уникатно брендирано пенкало и парична награда од 200 евра од категорија.

Настанот е во организација на Сабри Азири, вработен на Клиниката, кој за време на пандемијата ја извршуваше функцијата координатор на ковид-центрите.

Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија шести пат организира настан кој е поврзан со награди и оценување на работата на нашите вработени. Имаме вкупно осум категории, каде што колективот гласа анонимно. Секоја година го организираме ова и ние сме единствена клиника во Клинички центар, државна установа, со цел да ја цениме и да ја вреднуваме работата на нашите вработени – изјави Азири.

Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје. проф. д-р Оливер Зафировски, изјави дека се работи за традиција и оти е најважно што колегите, а не менаџментот, одлучуваат кој ќе биде најдобар доктор, најдобар болничар…

Со тоа сакаме да ја означиме нивната посветеност. Клиниката за пулмологија е една од најголемите клиники, каде што навистина има тешки случаи и ги работиме сите потешки работи. Одделот за интензивна нега и сите се посветени и затоа и понатаму ќе продолжиме да наградуваме по еден во секоја од овие категории. Клиниката оди напред. Има пациенти и воведуваме нови иновативни терапии со кои некои болести што беа многу тешки и за кои немаше лек, сега веќе има биолошка терапија и е во интерес на овие пациенти. И со преговорите во Фондот за 2026 година се зголемува бројот на пациенти што имаат потешки форми на астма и на други болести да добијат билошка терапија како што добиваат сите граѓани во ЕУ – рече Зафировски.

Оваа година генерален спонзор на настанот е компанија Ari-MED, а наградата за најдобра организациска единица е обезбедена од компанијата Premium Safety Solution.

Поврзани вести