
37 степени Целзисуови во јуни во Скопје е пекол и ако два дена по ред бидат измерени овие температури, државата ќе може да прогласи кризна состојба. За јули и август прагот е 39 односно 40 степени. Тоа значи дека треба да бидат преземни серија мерkи за зашитата на населението и ќе биде вклучен црвен аларм. За Охрид, на пример прагот е 32 степени во јуни, 35 во јули и август, а Гевгелија 38 во јуни, 41 во јули и август.
Ова го предвидува новиот Акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Македонија во периодот 2025-2030 година, што го изработи Институтот за јавно здравје.




Досега праговите за црвен аларм беа повисоки. За Скопје за јуни прагот беше поставен на 41 степен, за јули на 44, а за август на 43 степени. Тоа го пишуваше во претходниот Акциски план кој беше изработен во декември 2011 година.
Според новиот акцински план, највисоко поставена температура после која се прогласува катастрофа е 41 степен и тоа се однсува за август за Демир Капија и за јули и за август за Гевгелија.
Овој документ ги содржи активностите во рамките на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Република Македонија 2025 – 2030, со цел навремено справување и одговор на влијанијата на топлотните бранови.
Промената во акцискиот план е производ на пресметки на УУХМР согласно нивна методологија на пресметка на 30 годишна перцентилна распределба на дневни измерени податоци за периодот мај-септември за триесетгодишен временски период 1991-2020, вели за „Република“ д-р Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.

Согласно извештаите на Служба за климатски промени Коперник на Европската Унија, која ги следи податоците за
климатските услови и промени на светско ниво уште од 1940 година, проценето е дека 2023 година е втората најтопла година измерена досега во Европа, со рекорден број денови на екстремен топлотен стрес.
Ефектите од високите температури и топлината претставуваат едни од најголемите здравствени ризици предизвикани од климатските промени за човекот, доведувајќи и до потенцијални смртни последици. Според една студија, околу 48.000 смртни случаи во 35 европски земји, во летото 2023 година, се должат на изложеноста на топлина, особено топлина со подолго траење или висок интензитет во форма на топлотни бранови.
Во Република Македонија, зачестената појава на топлотни бранови во последните години, има значајни последици врз здравјето на населението, што предизвикува и зголемено оптоварување на здравствениот систем во целина, нагласувајќи ја итната потреба од сеопфатен акциски план за превенирање на последиците врз здравјето. Согласно 4-тиот Национален план за климатски промени и анализите од Управата за хидрометеоролошки работи, најголема фреквенција на топлотни бранови има во последните десет години, со најмногу појави на најголем број станици во 2007 и 2012 година, се вели во новиот Акциски план на ИЈЗ.
Бројот, времетраењето и интензитетот на топлотните бранови во иднина ќе се зголемуваат, со што ќе се зголемува и појавата на негативните здравствени ефекти врз луѓето, особено поради влијанијата на променливата влажност на воздухот и аерозагадувањето.
Извештајот нотира дека дополнително, почестата појава на тропски ноќи, со недостаток на доволно долги периоди за опоравување, особено може да влијае врз здравјето на луѓето од урбаните средини и лица од социјално ранливи категории како што се бездомници, социјално изолирани лица, мигранти..
Ефектот на урбан жежок остров во градовите, го интензивира термичкиот стрес, нагласувајќи ја критичната улога на
зелените површини во ублажувањето на овие влијанија.

Според едно истражување спроведено во нашата земја за време на топлотниот бран во 2022 година, во траење
од седум дена, забележан е максимален температурен диспаритет од 7,9°C помеѓу улица без дрвја и Градскиот парк во Скопје, со просечна разлика помеѓу максималните температурни разлики од 6,8°C на 9 мерни локации.
Алармантно е тоа што од 2018 до 2022 година е забележан пораст од 113 % на бројот на смртни случаи годишно поврзани со топлина кај возрасните над 65 години во споредба со периодот од 2000 до 2004 година. Проекциите за 2041-2060 година сугерираат дека возрасните над 65 години можат да се соочат со 31,03 дополнителни денови со топлотен бран при сценарио со зголемување на температурата од 2 °C и 46,61 дополнителни денови во сценарио со зголемување натемпературата од 3,7 °C, пишува во Акцискиот план.
Според истражувањето на ИЈЗ објавено во 2023 година времетраењето на топлотните бранови и интензитетот на температурите, значително ги зголемуваат ризиците од хоспитализација за исхемична срцева болест, особено за време на првиот топлотен бран во годината.
Регистриран е врв на хоспитализации во Скопје од болести поврзани со топлината еден ден по топлотниот бран, додека при натамошните топлотни бранови е забележано зголемувањето на хоспитализациите по 3-5 дена.
Највисоки стапки на хоспитализација се забележани кај лицата на возраст над 65 години, а најчеста дијагноза е ангина пекторис (I20). Мажите во споредба со жените биле попогодени.

УХМР на почетокот на месецот објави дека летово се очекува да биде значително потопло и посушно од многугодишните просечни вредности. Во државата постои многу голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите може да достигне и до 3°C речиси на целата територија. Најголемо позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во јули.
ИЈЗ објави препораки како да се однесуваме при топло време.
Носете светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и светлобојна капа со висок свод и
широк обод.
Избегнувајте напорни физички активности (вклучувајќи и спорт и рекреативни активности) за време на најтоплиот период на денот. Неопходните работи завршувајте ги до 11 часот наутро или попладне по 17 часот.
Останете во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат когав температурата е над 35°С). Затворете ги прозорцитеви ролетните во текот на денот, а отворете гивнавечер, кога температурата е пониска.
Внесувајте умерена количина на храна. Избегнувајте масна и висококалорична храна, како и храна која
содржи поголема количина шеќер.
Внесувајте голема количина течност (не чекајте да бидете жедни) почнувајќи од обичната вода за пиење, па до минерализирани безалкохолни пијалаци. Избегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалаци.
Кога сте во паркирано возило отворете го прозорецот со цел да овозможите вентилација. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото!
Хроничните болни, посебно оние со болести на кардиоваскуларен систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително да го консултираат својот матичен лекар.
При неопходен престој на отворен простор во овој период, најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце. Туширајте се со вода по потреба, алтернативно, ставете ладни облоги и чувајте ги нозете во студена вода.
Александра М. Бундалевска