
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го објави конкурсот за запишување на вкупно 8.851 студент на прв циклус во учебната 2026/2027 година. Од нив, 4.395 места се за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 3.621 за редовни студенти со школарина, а 835 за вонредни студенти.
Пријавувањето ќе се спроведе во три уписни рока. Првиот и главен рок е на 18 и 19 август, вториот на 10 и 11 септември, а третиот на 23 септември 2026 година. По секој рок УКИМ ќе ги објавува преостанатите слободни места на факултетите и студиските програми.
Пред пријавувањето во роковите утврдени со Конкурсот, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од iKnow-системот. Бројот што автоматски ќе го добие од системот се внесува и во документацијата што се доставува во службата за студентски прашања на избраниот факултет.
Кандидатите што се рангираат само според успехот од средното образование ќе ја добијат прелиминарната ранг-листа за првиот рок на 24 август, а конечната листа на 27 август. Запишувањето на примените кандидати ќе се врши на 3 и 4 септември. Во вториот рок прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 15 септември, конечната листа на 17 септември, а запишувањето на 21 септември.
Надоместокот за пријавување изнесува 300 денари за програми без проверка на знаењата и умеењата, 500 денари кога се полага еден предмет, 1.000 денари за програмите на музичката и ликовната академија каде што се проверуваат повеќе предмети и 1.500 денари за Факултетот за драмски уметности. Дополнително се плаќа административна такса од 50 денари.
Примените кандидати при запишувањето треба да достават индекс, студентска легитимација, пријавни листови, три фотографии и потврда за уплатени 750 денари за универзитетски информативни, културни, спортски и студентски сервиси. Овој надоместок го плаќаат сите категории студенти при запишувањето на зимскиот семестар.
Странските државјани можат да се пријавуваат до 29 септември, конечните резултати треба да бидат објавени до 30 септември, а нивното запишување е предвидено за 1 октомври 2026 година.

Македонски



