
Средношколците во Данска на возраст од 16 до 19 години ќе мора усно да ги бранат своите писмени трудови како дел од новите мерки за спречување препишување и недозволено користење алатки со вештачка интелигенција, како „Чет-ГПТ“.
Покрај усната одбрана на завршните трудови, училиштата ќе треба да ја надгледуваат употребата на компјутерите за време на писмените испити и да го ограничат пристапот до одредени интернет-содржини преку училишните мрежи.
Мерките стапуваат во сила непосредно пред почетокот на новата учебна година. Данскиот министер за образование Магнус Хојнике изјави дека е потребна итна реакција поради сè почестите случаи на злоупотреба на вештачката интелигенција во средните училишта.
Училиштата ќе бидат поттикнати поголем дел од писмените задачи да ги организираат во училниците, под надзор на наставниците, наместо учениците да ги изработуваат дома. На тој начин наставниците ќе можат да го следат процесот на работа, да даваат насоки и пообјективно да го оценат знаењето.
Задолжителната усна одбрана ќе се применува на големите завршни трудови, кои секоја година ги изработуваат околу 9.000 дански средношколци.
Данската влада истовремено подготвува национална стратегија за употреба на вештачката интелигенција во образованието. Со неа треба прецизно да се утврди во кои случаи употребата на овие алатки е дозволена, а кога ќе се смета за недозволена помош.
Со слични предизвици се соочуваат и други држави. Во Шведска, според истражување наведено во објавените информации, бројот на ученици казнети или предупредени поради недозволено користење вештачка интелигенција се зголемил за 688 проценти во периодот од 2023 до 2025 година.

Македонски


