
Јубилејниот 25 годишен роденден на интернет енциклопедијата Википедија вчера се одбележа со пригоден настан и во Скопје, во организација на македонски огранок Викимедија МКД.
На прославата во Скопје присуствуваа активни уредници, поддржувачи и љубители на слободното знаење, кои заеднички го одбележаа значењето на оваа глобална платформа за креирање бесплатни информации. Настанот започна со неформални разговори, каде присутните имаа можност да споделат свои искуства, успеси и предизвици со уредувањето на статиите на Википедија на македонски јазик.
Едночасовниот воведен дел од прославата се преточи во осврт на искусни корисници на Википедија. Нивните излагања беа фокусирани на искуството кое корисниците го стекнале на Википедија, секојдневната употреба на Википедија како извор на знаење и академско усовршување, употреба на Википедија како алатка за научно-истражувачки дејствија и посебен акцент се стави врз волонтерството како значаен сегмент во општеството.
Свои кратки излагања имаа Кирил Симеоновски, Тони Ристовски и Николче Стојаноски како искусни корисници и администратори на Википедија, проследени од свое излагање од соработниците и корисниците Ана Вишинова од Музејот на македонската борба и Валентина Трајковска, Ирена Стерјовска и Филип Белчев од Инстутот за македонски јазик.
Википедија е неизбежна мрежна страница при кое било пребарување на Интернет. Без разлика дали се работи за љубопитно истражување или надградба на знаење, Википедија е отскочна даска на секој кој сака да научни нешто повеќе на Интернет. Како заедница се трудиме да овозможиме што повеќе информации на македонски јазик и да ги следиме светските трендови, истакна меѓу другото и извршниот директор на Викимедија МКД Снежана Штрковска.
Википедија е онлајн енциклопедија која овозможува бесплатен пристап до енциклопедиски содржини на 340 јазици. Првата јазична верзија е Википедија на англиски јазик и основана е на 15 јануари 2001 година. Основачи на најпозната енциклопедија и креатори на идејата се Џими Велс и Лери Сангер, кои со здружени сили ја започнале работата, првично само на англиски јазик. Македонската јазична верзија на Википедија е основана во септември 2003 година и денес брои над 157.000 статии на македонски јазик.

Македонски





