Skip to main content

Голема поддршка за шампионите во роботика

На 26 февруари Марко, Стефан, Павел, Неда, Анастасија, Јаков и Андреј пред многубројната публика на донаторската вечер ги претставија роботските креации со кои ќе учествуваат на Глобалната светска роботска олимпијада MRC Global Olympiad што од 11-14 април ќе се одржи на Крит, Грција.

Водени од страста за роботиката и програмирањето, како и од желбата за што подобро претставување на нашата држава, тие се насочени кон повторување на големиот успех од минатата година кога во конкуренција од 1450 тимови во 19 категории освоија прво и второ место и награда за најдобра презентација. Минатата година децата беа во конкуренција со тимови од САД, Кина, Јужна Кореа, Турција, Катар, Франција, Русија, Бразил и уште 27 други земји.

Оваа година, конкуренцијата исто така е сериозна. Нашите претставници настапуваат во три тима, сите во знакот на Space Walkers. Децата изминатиот период напорно работеа и ги подготвија роботските креации со кои на натпреварот ќе треба да реализираат повеќе мисии. Предизвиците што се поставуваат се кратки, но повеќедимензионални, дизајнирани да им дадат можност на учесниците да креираат сопствено решение за дадената задача. Во моментов роботите и додатоците се готови, а се работи на кодирање.

Младите шампиони во роботика ја поздравија публиката на донаторскиот настан, истакнувајќи благодарност за големата поддршка, и споделувајќи дека токму интересот за роботиката ги направил дел од светот на СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика).

Учеството на Олимпијадата како и искуството во СТЕМ ја развива кај децата  генијалноста, стратешкото планирање и тимската работа. Исто така кај ги учи децата како да се справуваат со предизвиците и ги мотивира да се ориентираат кон барање решенија и да не се откажуваат.

Пред публиката се обратија и менторите од СТЕМ Академија, Александра Митревска и Жарко Поп-Илиев, кои порачаа дека успехот всушност не е само во наградата туку во тоа што се учи на патот додека да се стигне до наградата.

Поврзани вести