Skip to main content

Со Божествена литургија и Бадникова поворка во Македонска Каменица одбележан празникот Бадник

ФОТО: МИА

Со Божествена литургија и традиционална Бадникова поворка, денеска во Македонска Каменица беше одбележан големиот христијански празник Бадник, како духовна подготовка за Рождеството Христово.

Во утринските часови, во храмот беше отслужена Божествена литургија од Неговото Преосвештенство, епископот на Делчевско-каменичката епархија, г. Марко, на која присуствуваа голем број верници и граѓани.

Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, истакна дека богослужбата претставува длабока молитвена подготовка за раѓањето на Спасителот, нагласувајќи ја важноста на духовната смиреност и заедништвото во пресрет на Божиќ.

-Со особена радост ги проследив најмладите кои, со чисти срца и детска искреност, учествуваа во Бадниковата поворка, сведочејќи ја живата вера, надежта и љубовта што се пренесуваат од поколение на поколение, посочи Стаменкова.

По завршувањето на богослужбата, заедно со епископот Делчевско-каменички г. Марко, на децата им беа поделени новогодишни пакетчиња, како симбол на грижа, радост и благослов.

Одбележувањето на Бадник помина во мирна и свечена атмосфера, со пораки за слога, духовен мир и радост во семејствата.

– Нека овој свет ден ни донесе мир во душите, слога во семејствата и радост во срцата“, Христос се раѓа, порача Стаменкова.

Поврзани вести