Skip to main content

Симпозиум во КСП Центар-Јадро: Пресеците на квир културата и ЛГБТ историите на Балканот, во Словенија и во Источна Европа

Симпозиумот ги истражува пресеците на квир културата и ЛГБТ историите на Балканот, во Словенија и во Источна Европа, во поширок контекст со глобалните транс* побуни. Ги обединува квир теоријата, политичката критика и транс отпорот со цел да се истражи начинот на кој лезбејките, гејовите, квир лицата, панкерите и транс заедниците од историски аспект – па до денес – се спротивставуваат на државната моќ и на општествените норми.

Во централните теми се вбројуваат поезијата, филмот, порнографијата, радикалниот израз, телото и идентитетот и односот меѓу ЛГБТ, квир и транс движењата и активизмот. Симпозиумот, исто така, се занимава со деколонијални и антирасистички борби, преиспитувајќи притоа како ваквите истории се избришани или игнорирани во доминантните наративи. Целта е да се реконструираат и да се зајакнат алтернативните истории додека притоа се проектираат идни квир и транс* побуни во рамките на левичарските политички движења.

Марина Гржиниќ
Простори, стратегии, визии
Историјата на ЛГБТК+ заедницата во Словенија – главно поврзана со панкот, алтернативната и супкултурната сцена во Љубљана – радикално го трансформираше општеството, предизвикувајќи ги доминантните наративи за историјата, сексуалноста и граѓанските права. Овие движења ги поставија темелите за основните човекови права, плурализмот во граѓанското општество и еднаквоста.
Марина Гржиниќ е философка, теоретичарка и уметница, живее и работи во Љубљана, Словенија. Од 1993 година работи на Институтот за философија при Истражувачкиот центар на Словенечката академија за науки и уметности (ЗРЦ САЗУ). Од 2003 година е редовна професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена. Од 1982 година соработува со Аина Шмид, историчарка на уметност и уметница во областа на експериментална и политичка видеоуметност.

Тјаша Канцлер
Транс побуни*
Во говорот се преобмислуваат транс* политиките и побуните во контекст на глобалниот технорасен капитализам, фашизам, војна и геноцид. Се истакнуваат вкрстените истории на расата, класата, родот, сексуалноста и биополитичките/некрополитички регулативи во Источна Европа со фокус на револуционерниот потенцијал на еротските и деколонијални пресврти.
Тјаша Канцлер е активист, уметник и истражувач. Работи како професор на Катедрата за визуелни уметности и дизајн при Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот во Барселона. Соосновач е на t.i.c.t.a.c. – Taller de Intervenciones Críticas Transfeministas Antirracistas Combativas и коуредник е на списанието „Desde el margen“.

Јануш Чех
Егзибиционизам и (родови) контроверзии
Во своето излагање, Јануш Чех говори за кураторската работа со А.К.Т. низ призмата на родовите дебати и контроверзии поврзани со изложбите. Објаснува зошто изложбата ПАНК.СУПКУЛТУРА.СОЦИЈАЛИЗАМ. Архиви на иднината. Фотографии од Словенија привлече внимание и отаде државните граници, особено во Германија.
Јануш Чех е куратор и визуелен уметник чие дело е дефинирано од интердисциплинарни и транскултурни проекти. Во своите дела уметноста ја користи како трансформативна и комуникативна платформа, фокусирајќи се на еднаквоста, самоопределувањето, родовите улоги и современиот социјален дискурс.

Весна Липоник
Квир, екологија, поезија
Црпејќи од сопствената поетска пракса, Весна Липоник го истражува пресекот меѓу квир културата, екологијата и поезијата. Преку метафори за избегани свињи, јаболка и берачи на јаболка – квир фигури сами по себе – таа разгледува како поезијата прераснува во опасен, радикален начин на размислување и изразување.
Весна Липоник е поетеса, активистка и истражувачка на Институтот за философија при ЗРЦ САЗУ, Љубљана. Докторанд е на Постдипломската школа при ЗРЦ САЗУ под менторство на Марина Гржиниќ Маулер. Има објавено две поетски збирки: „ја јаде раката“ („roko razje“, 2019) и „Јаболка“ („Jabk“, 2023), двете издадени од Издавчката куќа при ШКУЦ.

Фотографија, панк и супкултура
Дијалог: ДК и Марина Гржиниќ
Дијалогот ја истражува улогата на фотографијата во документирањето и обликувањето на панк и супкултурните движења на Балканот и пошироко.
ДК, роден во 1970 година, студира на ФПС Минхен, а постдипломските студии ги завршува на ИВАС Келн. Живее и работи меѓу Љубљана, Амстердам, Белград и Виена над 30 години. Член е на мултимедијалниот колектив „Стрип кор“ („Strip Core“) од 1986 година. Главен медиум на ДК му е фотографијата, но неговата работа опфаќа и хибридни проекти во комуникација со пошироки практики од современата уметност.

Поврзани вести