
Под влијание на поголема влажна и нестабилна воздушна маса во склоп со плитката фронтална долина која се наоѓа над југоисточна Европа, во Македонија следува подолг период на променливо облачно и многу нестабилно време со честа појава на локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално процесите ќе бидат значително поинтензивни, односно ќе има појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, кое може да услови локални поројни поплавувања, силен ветер, електирчни празнења и со појава на град, најавува Славчо Попоски.
И во Скопскиот регион следува подолг период на многу нестабилно време со локална појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на невреме.
Апелирам поради ваквата ситуација, во случај на појава на невреме и на електрични празнења, да се избегнува претстој на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава силен ветер граѓаните да ги заштитат своите автомобили, односно да избегнуваат да ги ставаат во близина на дрвјата.
Температурите до петок ( 9 мај) ќе бидат во постепено но мало опаѓање, а поголем пад на температурите и тоа поради продор на поладна воздушна маса од север и од североисток ќе има за време на викендот кога максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 15 до 24 степени. Сето ова ќе биде проследено и со умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
За време на викендот, не се исклучува можноста на највисоките плански места во нашата Македонија да има појава на врнежи од снег.