![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/dsc01261.png)
Да им понудиме на девојчињата и момчињата социјални вештини и стратегии за справување, да ја градиме нивната отпорност, а воедно да ја подигнеме јавната свест за последиците од онлајн врсничкото насилство врз физичкото, менталното и емоционалното здравје, рече претставничката на УНИЦЕФ во Македонија Лесли Милер која се обрати денеска, на 11 февруари кога се одбележува Меѓународниот ден за побезбеден интернет.
Сакаме да создадеме движење во кое децата ќе се спротивстават на врсничкото насилство онлајн и ќе промовираат човечност и љубезност во дигиталниот свет, додаде Милер.
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фондацијата Телеком за Македонија денеска објавија партнерство за интернет без врсничко насилство и говор на омраза и движење предводено од деца за похуман дигитален свет.
Преку ова партнерство се стремиме на децата да им дадеме моќ, простор и алатки заеднички да создаваат иницијативи што одговараат на нивното сопствено искуство и се во линија со нивните секојдневни борби на интернет.
За нас е многу важно секој да има пристап до можностите на дигиталниот свет, а омразата на интернет ги загрозува сигурноста, почитта и инклузивноста на овој простор. Овој негативен феномен особено влијае на младите луѓе, коишто се најмногу засегнати. Во оваа значајна фаза од нивниот личен раст и развој, наша одговорност е да ги научиме како да ѝ се спротивстават на омразата и да станат двигатели на позитивна промена,” рече Никола Љушев, претседател на Фондацијата Телеком за Македонија.
Оваа двегодишна иницијатива е продолжение на долгогодишното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија преку кое во текот на сите овие години се обезбедува помош на децата и на младите за да се справат со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација.
Целта на новото партнерство е да се создаде движење преку кое децата и младите ќе се борат за интернет без врсничко насилство и говор на омраза. Преку едукација, ко-креација и конкретни акции децата ќе инспирираат и други да се приклучат и да го прошират движењето низ целата земја.
УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија ќе објават отворен повик до децата да се вклучат во врсничката програма и во активностите за социјална мобилизација кои ќе се спроведуваат во партнерство помеѓу Сојузот на извидници на Македонија и УНИЦЕФ.