
Младите организираат прва Локална младинска конференција –LCOY Македонија 2025 – која ќе се одржи од 12 до 14 јуни во Скопје. На конференцијата млади од целата земја ќе дискутираат за локалните климатски и еколошки предизвици, ќе споделат свои идеи за националните приоритети за животната средина и ќе придонесат кон глобалниот младински став пред Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП 30) во ноември 2025.
Конференцијата ја организира младинската група Колектив Зет и е замислена како интензивен, практичен тридневен настан. Таа ќе опфати експертски презентации за климатските процеси и политики, интерактивни работилници за локални еколошки прашања и сесии со активно учество за развивање пристапи предводени од млади во носењето одлуки.
Анкица Соколиќ, ко-основач на Колектив Зет која учествуваше на КОП29 изјави: “На КОП29 бев фасцинирана од тоа колку младите од другите региони, се подготвени, информирани и вклучени во климатските преговори од страна на своите држави. Ова ме инспирираше да се запрашам – што недостасува кај нас? Како можеме да бидеме поактивни, како многу други млади низ светот? Така се роди идејата за организирање на првата Локална младинска конференција во Македонија.“
Една од целите на Конференцијата е учесниците да се запознаат со обврските на земјата во рамките на процесот на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, за младите да можат да ги следат институциите во спроведувањето на преземените обврски и да ги повикуваат на одговорност. Тие ќе дискутираат како да се воспостави механизам за младинско учество во донесувањето одлуки поврзани со климата на државно ниво и како да се засили младинскиот глас во светските климатски преговори.
Клучен резултат од Конференцијата ќе биде подготовката на Национална младинска декларација, која ќе придонесе кон позициите што ќе се гласаат на Глобалната младинска конференција и конечно ќе бидат претставени од страна на младите на КОП30.
Глобалната младинска конференција се одржува секоја година непосредно пред Конференцијата на ОН за климатски промени и обединува млади од целиот свет со цел да оформат и претстават заеднички младински став на КОП преговорите. Во пресрет на оваа конференција, младите се охрабруваат да организираат локални младински конференции за да ги разгледаат националните и локалните еколошки прашања и да придонесат кон глобалната младинска декларација. Ова е особено важно за помали земји како Македонија, кои често немаат формално младинско претставување на КОП.
„УНИЦЕФ со гордост ја поддржува Локалната младинска конференција во Македонија како простор за ангажман на младите во обликување на дебатата и во донесувањето национални и глобални еколошки одлуки што ќе водат кон решенија за поодржлив и поправеден свет,“ изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Локалната младинска конференција во Македонија 2025 е организирана од Колектив Зет, со поддршка од УНИЦЕФ и Europe House Скопје, во соработка со Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД), Мрежата за климатска акција на Европа, Еко-свест, Македонското здружение на млади правници, Центарот за климатски промени, Националниот младински совет на Македонија и Македонското еколошко друштво.