Skip to main content

Скадар: Градот меѓу езерото, историјата и иднината

Сместен во северна Албанија, на само неколку километри од границата со Црна Гора, Скадар е еден од најстарите и највлијателни градови на Балканот. Иако носи историја долга илјадници години, Скадар не е заробен во минатото. Денес тој е модерен, младешки град со дух на уметност и туризам.

Скадар е град што ја претставува самата идеја за Балканот: истовремено крстопат и судир на култури, но и место на соживот и синтеза. Неговата иднина зависи од тоа колку умешно ќе го искористи своето историско и културно наследство за да стане современ европски град, без да ја изгуби душата што го прави единствен. А, како што изгледа, тоа добро му оди.

Скадар има околу деведесет илјади жители (половина христијани, половина муслимани) и ист толкав број на урбани, култивирани луѓе со европски изглед и однесување. Никој не вика, никој не плука по тротоарите, нема кучиња скитници (освен, по некоја мачка), ниту пак, кучиња на поводник без маска. Многу автомобили (паркинг е тешко да се најде), како да има двесте илјади жители (и да, речиси сите возат мерцедес), многу туристи, многу пешаци, малку велосипеди…

Повеќето (и повозрасните), зборуваат пристојно англиски, љубезни се и кога ќе им кажете дека сте од Македонија се насмевнуваат пријателски.

Градот и покрај големата врволица е чист, кантите и контејнерите за ѓубре се испразнети, улиците се мијат, дуќанџиите редовно си го чистат „дворот“.

Има магнетчиња за секој значаен детал од градот и околината, сувенири на секој чекор, кафулиња и барови, преполни со млади, насмеани, смирени луѓе. Старото градско јадро со тесните улици и калдрмите носат автентичен дух, а кафеаните и рестораните нудат албанска кујна со медитерански шарм.

Сместувањето во апартманите е од 15 евра од ноќ, па нагоре. Цените во маркетите се горе-долу како и во Скопје, ама угостителските објекти се за уживање. Ручек за тројца – морски плодови, тазе тестенини, риба, салата, пијалоци – не чини повеќе од 2.500 денари. Како илустрација: кафе, од тие „фенси“ што личат повеќе на торта (како, лотус лате) е две евра.

Скадар ќе порази секого кој очекува балканска касаба. Тој е далеку од тоа. Осветлен, со средени улици, полиција на секој чекор…

Најголемото богатство на Скадар е истоименото езеро, најголемото на Балканот, кое се наоѓа над градот. Со својата површина што се протега и во Црна Гора, езерото претставува природен бисер, познато по богатата флора и фауна, особено по големиот број видови птици кои привлекуваат љубители на орнитологијата од целиот свет. Скадарското Езеро е заштитено, се негува, нема на брегот дивоградби, плажи и шанкови, се е погоре, во „селото“.

Над градот се издига и тврдината Розафа – Скадарското кале, од каде што посетителите уживаат во панорамскиот поглед кон езерото, реките Дрим, Буна и Кир, како и околните планини.

Скадар е и културен центар: познат е по своите театарски и музички традиции, старите католички и православни цркви, како и по џамиите што сведочат за вековниот соживот на различни религии.

Сепак, верски обележја преку облеката многу ретко ќе видите: сите изгледаат урбано, пристојно, ненападно.

Скадар не е еднообразен, туку полифоничен, со слоеви од минатото што се надоврзуваат и меѓусебно се надополнуваат.

И, уште нешто, на само триесеттина километри од Скадар се наоѓаат прекрасните јадрански плажи. На албанската страна е Велиполе, позната по долгата песочна плажа и природниот резерват со солени мочуришта што привлекуваат птици. Од другата страна, во Црна Гора, е Улцињ, стар медитерански град со тврдина и легендарната Голема плажа, која се протега на цели 13 километри. А, блиску се и Леска и Шенѓин (Свети Јован) кои прераснуваат во елитни албански одморалишта.

Скадар не оди, тој трча напред. А, ние само го чувствуваме неговиот здив, кој, за жал, не нè влече со себе.

МИА / Бранка Д. Најдовска

Поврзани вести