
Грчката влада планира да ги намали пристанишните такси на половина, почнувајќи од 1 мај. Грчкото Министерство за поморски работи и островска политика поднесе амандман до парламентот со цел да се спротивстави на зголемувањето на цените на фериботите во Грција.
Говорејќи на 10-тиот економски форум Делфи, министерот за поморски работи и островска политика Василис Кикилијас ги истакна клучните одредби од амандманот на актуелниот закон во Грција.
Со ова намалување, владата има за цел да ги поддржи патниците давајќи им можност на бродските компании да ги приспособат своите ценовни политики, олеснувајќи го финансискиот товар на јавноста во овие предизвикувачки економски времиња, рече Кикилијас.
Потсетуваме дека за 1 мај годинава е најавено зголемување на цените на траектите во Грција.
Намалувањето од 50 отсто би се применувало на пристанишните такси за домашните патнички фериботи, со исклучок на крстарењата, за период од една година. Министерот подвлече дека овој потег има за цел да ги стабилизира цените на билетите и да ја одржи пристапноста и за Грците и за туристите кои патуваат на грчките острови.
Не треба да биде луксуз за Грците да патуваат на островите, ниту за туристите. Мораме да ги заштитиме луѓето, рече тој.
Нагласувајќи дека превозот и туризмот се централни за грчката економија, Кикилијас додаде дека проактивниот став на владата, преземен многу пред летната сезона, ја одразува нејзината посветеност на одржување на овие витални сектори.
Кикилијас, исто така, изрази загриженост за европската политика за заштита на животната средина, која наложува промена на видовите на гориво за крајбрежните бродови од 1 мај 2025 година. Тој истакна дека ова може да ги стави компаниите од северниот дел на Медитеранот во „неповолна положба“ во споредба со нивните јужни колеги поради зголемените трошоци за гориво.