Skip to main content

Црна ноќ во Македонија: Во две тешки несреќи загинаа татко, син и млад фудбалер, две лица се борат за живот

архива

Три лица загинаа ноќва во две одделни тешки сообраќајни несреќи на македонските патишта.

Како што соопшти МВР, прво во 22:55 часот во СВР Тетово е пријавено дека на магистралниот пат Гостивар–Стража, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „голф“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од А.И.(34) од с. Чегране, во кое како сопатник бил Х.К.(28) од Гостивар, и патничко возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Д.Н.(21) од Тетово со сопатник Ф.Ј.(21) од Тетово.

Во несреќата, од страна на лекар од Итна медицинска помош на лице место е констатирана смрт кај возачот Д.Н., додека останатите три лица се пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар каде им се констатирани телесни повреди. Увид на местото извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Гостивар, велат од МВР.

Станува збор за младиот фудбалер Даниел Николовски (21), кој бил дел од младинските категории на Тетекс, а љубовта кон клубот ја продолжил и во сениорскиот тим.

Околу 2 часот наутро пак загинаа татко и неговиот 17-годишен син. Според Основното јавно обвинителство Скопје, во директен судир се сретнале „опел корса“, управуван од 19-годишен кумановец, и „хјундаи и30“, управуван од 51-годишен жител на Марино, кој со синот загинал на лице место, додека неговата 18-годишна ќерка е потешко повредена.

Тешко повредени се и 19-годишниот возач на „корсата“ и неговиот 19-годишен сопатник. Двајцата биле пренесени во болница во животозагрозувачка состојба.

На 12.09.2026 околу 02:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека на локалниот пат н.Илинден-с.Миладиновци кај базата Брест се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел корса“ со кумановски регистарски ознаки управувано од Ф.Т.(19) од с.Агино Село, кумановско и патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки управувано од А.А.(51) од с.Марино,скопско. Во несреќата на местото на настанот починале возачот А.А. и неговиот 17-годишен сопатник од с.Марино, а од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт. Со тешки телесни повреди се здобиле возачот Ф.Т., неговиот сопатник Д.Б.(19) од с.Агино Село и 17-годишна сопатничка од возилото „хјундаи“ констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите биле предадени во Судска медицина за обдукција, велат од МВР.

На местото извршиле увид дежурен јавен обвинител, вешто лице и увидни екипи на МВР. Обвинителот издал наредби за обдукција на двете починати лица, а се преземаат дејствија за утврдување на причините и околностите за несреќата.

Поврзани вести