Skip to main content

Бројот на загинати во пожарот на филипинскиот траект се зголеми на 76

Смртниот биланс се искачи на најмалку 76 лица откако уште неколку јагленосани тела беа извлечени денеска од патничкиот траект „Ем-Ви Џун Астер“ што се запали во западниот дел на Филипините, додека до 13 лица сè уште се водат како исчезнати, соопшти филипинската крајбрежна стража, пренесе ДПА.

„Оваа бројка сè уште може да се промени бидејќи продолжуваат операциите за извлекување и идентификација“, наведе во соопштение портпаролката на крајбрежната стража, комодорката Ноеми Кајабајаб.

Според информациите на крајбрежната стража, денеска од бродот биле извлечени 41 јагленосано тело, откако претходно вчера беа пронајдени 30 жртви. Пожарот бил целосно изгаснат околу 30 часа по неговото избувнување.

Четириесет и три лица, меѓу кои и двајца туристи од Чиле, успеале да се спасат скокајќи од бродот што горел во пламен.

Траектот патувал од главниот град Манила кон градот Корон во западната провинција Палаван, која е популарна туристичка дестинација, кога во четвртокот навечер избувнал пожарот.

Причината за несреќата сè уште не е официјално утврдена, но дел од преживеаните патници пријавиле дека непосредно пред појавата на густиот чад и огнот се слушнала силна експлозија од товарниот простор. Според податоците од бродскиот манифест, во товарниот простор имало пет мотоцикли, еден електричен автомобил, еден виљушкар, еден пикап и прехранбени намирници.

Поврзани вести