Skip to main content

Загинаа двајца пилоти од авион што падна за време на авијацискиот спектакл во близина на Атина 

Принтскрин

Двајцата пилоти од воениот авион Ф-4Е Фантом на грчкото воено воздухопловство што се урна за време на учеството на традиционалниот авијациски спектакл „Athens Flying Week“, биле пронајдени мртви, а според грчките медиуми, не се катапултирале, бидејќи летале во непосредна близина на делот со публика, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото воено воздухопловство потврдија дека во несреќата животот го загубија двајцата членови на екипажот, а причините ги истражува надлежна комисија на военото воздухопловство.

Несреќата се случи во 14.55 часот во близина на воената воздухопловна база Танагра во близина на Атина, каде што се одржува „Athens Flying Week“, а причините засега се непознати.

Авијацискиот спектакл го следат илјадници гледачи, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, авионот на грчкото воено воздухопловство се урна на најмалку еден километар од местото каде што се гледачите.

Весникот „Катимерини“ пишува дека постојат информации дека бил снимен разговорот на меѓу двајцата искусни пилоти и контролниот центар, но и дека не го активирале системот за напуштање на авионот, што се активира во случај на дефект, со цел да го оддалечат Фантомот од населеното место и од гледачите.

Веднаш по падот имало и експлозија, по што избувна и пожар, а небото го покри густ црн чад, по што „Athens Flying Week“ беше прекинат и веднаш започна евакуација на гледачите.

Според информациите од Грција, при падот, авионот се преполовил и предизвика два пожари во поширокиот регион на индустриската зона што е во близина, а беше зафатена и една фабрика.

Во пожарот беа ангажирани 115 пожарникари со пет пешадиски тима и 38 возила, а за гаснење од воздух периодично интервенираа девет авиони и четири хеликоптери, од кои еден за координација.

Несреќата се случи неколку часа пред свеченото отворање на Меѓународниот саем во Солун на кое обраќање ќе има грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Говорот на Мицотакис ќе се одржи регуларно, но откажани се сите закажани настани и средби планирани за денеска на маргините на саемот.

Министерот за одбрана Никос Дендиас од Солун итно се врати во Атина, веднаш по падот на авионот.

Од „Athens Flying Week“ соопштија дека се откажува остатокот од планираната програма во рамките на шоуто што требаше да заврши утре.

Поврзани вести