Skip to main content

Грчката полиција е фрлена на казнување, еве на што да внимавате

Македонските туристи кои летово патуваат во Грција треба да бидат особено внимателни на патиштата, бидејќи грчката полиција годинава воведе засилени контроли и ригорозно ги казнува сите прекршувања на сообраќајните правила. Казните за сообраќајни прекршоци можат да достигнат и до 1.500 евра, а за одредени прекршоци, како пушење во возило во присуство на деца под 12 години, освен парична казна, се одзема и возачката дозвола.

Сите возачи се должни во возилото да имаат рефлектирачки елек, безбедносен триаголник, противпожарен апарат со важечки сервис, комплет за прва помош со валиден рок, како и комплет за поправка на резервно тркало или гума. За непоседување на некој од овие предмети, казните се движат од 100 евра па нагоре.

Најчестите прекршоци што се казнуваат се користење мобилен телефон при возење (казна од 350 до 2.000 евра и одземање на дозвола), возење без сигурносен појас (350 евра), поминување на црвено светло (700 евра), возење под дејство на алкохол (казни од 78 до 1.200 евра, со можност за одземање на дозвола), како и неправилно паркирање (од 40 до 350 евра).

Грчките власти апелираат до сите туристи да ги почитуваат сообраќајните прописи и да ја проверат задолжителната опрема во возилото пред да тргнат на пат, со цел да избегнат високи казни и непријатности за време на одморот.

Поврзани вести