
Секој оној што на својата рака ќе стави или на својата облека ќе закачи таканаречена ‘мартинка’ (нешто како нараквица направена од црвен и од бел конец) за здравје и за среќа, да знае дека од тој момент (свесно или несвесно) се откажал од Бог, односно од Православната Вера и Црква, и не може да учествува во нејзините Свети Тајни. Не може истовремено да веруваме и во Бог и во мартинка, смета Црквата.
Верата и суеверието немаат ништо заедничко, велат од македонската црква, исто како што и Бог нема ништо заедничко со ѓаволот. А на два господара не можеме да им служиме, или ќе Му служиме на Бог или на ѓаволот – па секој слободно нека избере кому ќе му служи. И секое друго суеверие, спротивно на православната вера, не е од Бога.
Носењето мартинка е суеверен и магиски обичај, а со тоа и демонски обичај, затоа што луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март, не смеат да ги извадат сè до доаѓањето на пролетта и доаѓањето на ластовичките (или штрковите) и сè додека да расцути првото дрво. Потоа, според истото погрешно верување, мора да ги закачат на некое дрво и да си пожелаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите ќе им се исполнат. Вадењето на мартинката, пред време, се смета за несреќа и затоа луѓето ја чуваат со страв. Таквото верување нема никава врска со православната вера, туку е обично суеверие. Ние христијаните си носиме на рака или во рака бројаничка, украсена со крвче, која ни служи за молитва. Христијанската среќа и здравје извираат од личната заедница со Бог, а не од безлично, фобично и душегубно суеверие, смета МПЦ.
Мартинката претставува украс направен од коноп во црвена и во бела боја. Тие се симболот на Баба Марта, нам позната како предвесник на пролетта. Тоа е мал украс кој нашите родители, тетки или баби го закачувале или, пак, врзувале на нас и сме го носеле од 1 март, па сè до крајот на месецот, а по некои други верувања таа се става и на 14 март.