
По кусо боледување и влошена здравствена состојба, вчера почина Петре Коловски, истакнат педагог и зограф, роден во 1931 година во селото Лазарополе.
Коловски остави значаен придонес во образованието, професионалната рехабилитација на глуви и наглуви лица, како и во зачувувањето на културното наследство преку својата зографска работа и монографијата „Лазороските зографи“.
Петре Коловски основното образование го започнал во Лазарополе, каде учел до четврто одделение на српски јазик, а потоа продолжил во Охрид и во манастирот „Св. Јован Бигорски“. Учителската школа ја завршил во Скопје, по што работел три години како селски учител. Дипломирал педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, а целиот свој работен стаж го посветил на хуманитарна работа во средното училиште „25 Мај“ во Скопје, фокусирајќи се на образованието и професионалната рехабилитација на глуви и наглуви младинци.
Неговите трудови од оваа област биле објавувани во повеќе стручни списанија, а тој активно учествувал на семинари и конгреси во поранешна СФРЈ.
Иако неговиот животен сон да се школува на Академија за ликовни уметности останал нереализиран, Коловски својата страст кон уметноста ја остварувал преку зографската работа. Како член на тајфата на Крсте Коловски, тој ги изучил зографските техники и терминологијата, што го инспирирало да ја напише монографијата „Лазороските зографи“. Учествувал во зографисувањето на повеќе цркви, меѓу кои „Св. Димитрија“ во Скопје, „Св. Петар и Павле“ во Јурумлери, „Св. Никола“ во Куманово, „Св. Спас“ во Драчево, „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, „Св. Ѓоргија“ во резиденцијата на г.г. Доситеј во Криви Дол и „Св. Атанасиј“ во село Усје.
Со својата монографија и многубројните интервјуа за македонските медиуми, од кои последното беше дадено за МИА, Коловски остави траен белег за зографите од неговата фамилија и за културното наследство на Лазарополе.
Погребот на Петре Коловски ќе се одржи на 10 септември 2025 година на Градските гробишта во Бутел, со почеток во 9:30 часот.