Skip to main content

Над 600 маскирани на дефилето на „Прочка 2025“ во Прилеп

Над 600 маскирани беа дел од големото карневалско дефиле во центарот на Прилеп како кулминација на карневалските свечености по 23-ти пат. На карневалот учествуваа и млади и стари, и не само од Прилеп, туку и од Куратица, Охридско, Пробиштип, Бегниште…. Имаше современи и традиционални маски: „Весели пирати од Пробиштип“, „Клеопатра во Куратица“, „Арката на дедо Ное“, „Го пратиле дедо в планина“, ангели и демони. Маскираните испратија пораки да се подобри светот и односите меѓу луѓето.

Големото карневалско дефиле го предводеа прилепските мечкари- заштитната маска на карневалот.

Мечкарите се тука да ги избркаат злите духови. Ги бркавме и ќе продолжиме додека сите не ги избркаме. Вековната традиција која ја воспоставија касапите и еснафот продолжува зашто имаме подмладок. Во „Прилепските мечкари“ се преку 45 возрасни и пет мали, до петгодишна возраст. Ниту дождот, ниту ветрот не може да ги запре мечкарите. А дождот е како знак дека треба да ги исчистиме и да си ги простиме големите гревови, изјави Тони Павлески од здружението „Прилепски мечкари“.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески го нагласи чинот на простување на Велики поклади- Прочка. -Тука сме да подариме љубов и разбирање, да простиме за сторените гревови и да ни се прости. Карневалската традиција во Пирлеп е вековна и ја одржуваме, порача Јовчески.

До вечер стручното жири ќе ги прогласи најдобрите маски на годинашниот карневал, а утре, на Чуст понеделник кога почнувата постите, здружението „Прилепски мечкари“ традиционално поканува на посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај прилепското село Присад.

Дел од тридневните карневалски свечености во Прилеп беше и изложбата на повеќе од 800 маски на учениците од прилепските училишта и презентацијата на прочкарските обичари- амлање јајце.

Поврзани вести