Skip to main content

Манифестација „Ден на гравот“ в сабота во тетовско Теарце

Центарот за едукација и развој (ЦЕД) информира дека 13-тото издание на меѓукултурниот фестивал „Ден на гравот“ ќе се одржи в сабота, на 27 септември 2025 година, во дворот на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во тетовско Теарце, со почеток во 12 часот.

Настанот почнува со презентација на јадења подготвени од учениците и изложби на училиштата, а ќе следува културно-уметничка програма на друштвата од Тетово. Потоа присутните ќе бидат послужени со грав и други традиционални јадења.

Фестивалот „Ден на гравот“ ќе понуди земјоделски саем на традиционални јадења и производи, презентирани од страна на земјоделци, агрономи и ученици од основните училишта од општините Теарце, Јегуновце и Тетово. Посебен дел ќе биде посветен на производители од Албанија и Косово. За најмладите ќе бидат организирани активности со боење на лице и игри. Културните друштва „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце, „Јени Хаjaт“ – Тетово и „Џеладин Зеќири“ – Тетово ќе настапат со културно-уметничка програма, а на крајот традиционално ќе бидат послужени грав и алва“, информираат организаторите од ЦЕД.

Фестивалот „Ден на гравот“ почна во 2008 година како мултикултурен настан со цел надминување на етничките бариери и обединување на локалната заедница.

Со помош на локални и меѓународни волонтери, фестивалот се организира секоја година со цел да ја промовира одржливоста на локалните традиции, обичаи и ресурси.  Во изминатите години, локалните музеи од Вратница и Џепчиште презентираа артефакти и поставки од историјата на регионот. Година по година, настанот расте – како по обем, така и по богатството на програмата – привлекувајќи учесници и посетители на регионално, национално и меѓународно ниво“,  стои во информацијата од ЦЕД.

В сабота овогодишното издание на „Денот на гравот“ ќе трае до 15 часот.