
Џуџестата планета Церес, која се наоѓа помеѓу Марс и Јупитер, би можела да поддржи живот. Новите студии покажуваат дека најголемиот објект во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер, планетата Церес, можеби не е само космичка атракција туку свет со потенцијал да поддржи вонземски живот. Иако денес Церес претставува ледена и солена пустина, истражувачите откриле дека пред неколку милијарди години можела да биде дом на микроорганизми.
Истражувањето објавено во „Сајенс адвансис“ потврдува постоење на хемиски извор на енергија на Церес, кој би можел да поддржи живот. Податоците собрани за време на мисијата на НАСА со вселенскиот брод „Доун“, кој беше во орбита околу Церес помеѓу 2015 и 2018 година, откриле светли рефлективни дамки на површината – остатоци од сол што потекнуваат од древни, подземни солени води. Под ледената прекривка се наоѓа смрзнат подземен океан во кој се откриени и органски молекули.
Церес е најголемото тело во внатрешниот дел на Сончевиот Систем, зазема околу третина од вкупната маса на сите астероиди. Откриена е во 1801 година и долго време се сметала за планета, потоа за астероид, а денес има статус на џуџеста планета. Нејзината просечна далечина од Сонцето е околу 414 милиони километри (2,77 астрономски единици). Кружи околу Сонцето еднаш во 4,6 години, додека нејзиниот ден е многу краток – трае околу девет часа.