Skip to main content

Дали треба да се исклучуваат од струја полначите кога не се користат?

Во едно просечно домаќинство има многу безжични уреди што бараат полнење: телефони, таблети, лаптопи, слушалки, тастатури, звучници и други гаџети. Поради честото полнење, многумина го оставаат полначот постојано во приклучницата. На прв поглед безазлено, но може да има последици и по сметката за струја и по безбедноста.

Секогаш се препорачува да го извадите полначот од приклучницата кога не го користите. Дури и кога не е поврзан со уред, тој троши мала количина електрична енергија само затоа што е вклучен во ѕидот.

Освен заштеда, со тоа се намалува и ризикот од пожар, кратки споеви и оштетување на уредите. Оставањето на полначот во приклучница носи ризик, особено ако станува збор за евтини полначи чии кабли и електроника со текот на времето ослабуваат. Дури и квалитетните полначи можат да се прегреат во одредени услови, затоа е паметно да се исклучуваат.

Кратко и јасно – да, треба да ги исклучувате полначите од приклучница кога не ги користите.

Што е „вампирска“ енергија (phantom load)? Тоа е струја што уредите ја трошат и кога се изгасени или во состојба на подготвеност. Неактивните полначи се класичен пример – трошат енергија штом се во приклучница. Поединечно можеби повлекуваат 0,1–0,5 W, но во текот на цела година и низ повеќе простории тоа станува забележлива, а непотребна потрошувачка.

Покрај заштедата и безбедноста, навиката на исклучување го продолжува и векот на полначот. Постојаното оптоварување под напон, особено во домови со варијации во напонот, полека ги деградира внатрешните компоненти. Затоа исклучувајте ги. Едноставна навика – помала потрошувачка, понизок ризик и подолг животен век на електрониката.

Како полесно да ја усвоите навиката за исклучување:

  • Направете единствена „станица за полнење“ и сите полначи држете ги таму, па исклучете го продолжниот кабел со еден клик кога ќе завршите.
  • Користете енергетски ефикасни полначи, за случај да заборавите да ги исклучите.
  • Вклучете ги сите членови на домаќинството во правилото „извади го полначот кога ќе завршиш“.
  • Воведете рутина: пред излегување од дома или пред спиење – проверете и исклучете.
  • Размислете за паметни приклучници, продолжни кабли или тајмери што автоматски го прекинуваат напојувањето по одредено време.

Ако понекогаш заборавите да го извадите, нема да се случи катастрофа. Но како трајна навика, оставањето на полначот во приклучница значи постојана, иако мала, потрошувачка и благо зголемен ризик. Заклучокот на експертите е јасен: исклучувајте ги полначите кога не се користат – поради сметката, безбедноста и долговечноста на вашата опрема, советува Better Homes and Gardens.

Поврзани вести