Skip to main content

68 ракотворци и занаетчии на Новогодишен базар

Во пресрет на новогодишните празници, од 15 до 31 декември ќе се одржи досега најголемиот Новогодишен базар на првиот кат во Скопје Сити Мол со учество на 68 индивидуалци – ракотворци. Со разновидната понуда на Новогодишниот базар посетителите ќе можат да ја почувствуваат предновогодишната магија.

Новогодишни сувенири изработени од фин бетон, персонализирани лампиони, детски новогодишен декор, меки текстилни кукли за елка, накит изработен од текстил, уникатни филигрански дизајни, новогодишни украси од глина и епоксидна смола, новогодишни беџови, честитки, новогодишни пакетчиња за Secret Santa, додатоци за книги, рачно нацртани новогодишни честитки во акварел техника,иновативни креации од кожни аксесоари, чанти, шапки, веганска козметика за природна нега, шарени керамички приказни, еколошки восочни обвивки, колачиња во духот на претстојните празници, рачни везови, облеки за миленици, рачно изработени сапуни од природни масла и путери, свеќи и производи од соја и чист восок, рачно изработени волнени ракавици и шалови, рачни изработки од бегалците и барателите на азил во нашата држава, вклучувајќи честитки, накит, слики, шолји за чај, платнени торби и привезоци, украси во мандала уметнички стил и инсталации и аранжмани со воздушни билки.

Во првата група артизани од 15 до 20 декември ќе се претстават современите занаетчии, втората група ракотворци од 21 до 25 декември, а во третата група занаетчии од 26 до 30 декември.

Новогодишниот базар ќе биде отворен и на 31 декември до попладневните часови.