Skip to main content

Зеленски попушта: Украина спремна да прифати демилитаризирана зона во Донбас

Киев попушта за една од клучните точки од мировните преговори со САД и Русија – воспоставување демилитаризирана зона во Донбас, слична на онаа помеѓу Северна и Јужна Кореја, само подлабока и поширока. Украинските сили целосно би се повлекле од териториите на Луханск и Доњецк, но Киев бара гаранции дека руските сили нема да навлезат.

Демилитизирана зона мора да постои од двете страни на линијата“, изјави украинскиот преговарач Михајло Подољак за Ле Монд. „Ќе биде потребно да се дефинира дали треба да се повлечат сите видови оружја, или само тешкото. За да се спречат прекршувања, мора да има странски мисии на теренот. Ова е природен формат за крај на конфликтот, со оглед на тоа што дел од територијата за жал ќе остане под де факто руска окупација и дека во секој случај ќе се воспостави линија на раздвојување.

Подољак додаде дека за Киев би било идеално САД да учествуваат во силите за надзор и контрола на примената на договорите во зоната.

Претседателот Володимир Зеленски потврди дека САД предложиле демилитаризирана зона, но истакна дека какви било територијални отстапки мора да бидат потврдени на избори или на референдум, кои тешко може да се одржат додека се војува.

За ова прашање утре во Париз би можел да се одржи состанок на претставници од САД, Германија, Британија, Франција и Украина, а два дена подоцна лидерите на овие земји би требало да се сретнат со американскиот претседател Трамп.

Поврзани вести