
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека со својот американски колега Доналд Трамп во Флорида в недела, ќе разговара за територијалните прашања, главна пречка во мировните преговори.
Објавувајќи го договорот, Зеленски рече дека „многу работи може да се одлучат пред Нова Година“, додека Вашингтон продолжува со своите напори да ја прекине војната во Украина.
Што се однесува до чувствителните прашања: ќе разговараме и за Донбас и за нуклеарната централа Запорожје. Секако ќе разговараме за други прашања“, изјави Зеленски за новинарите на „ВатсАп“.
Русија бара Украина да се повлече од делови од источниот регион Донецк, кои се уште ги контролира. Москва бара целосна контрола врз регионите Донецк и Луганск, кои во 2022 се приклучија на Русија, а од друга страна, Украина сака да се замрзне сегашната ситуација на фронтот.
Соединетите Американски Држав предложија воспоставување слободна економска зона на територијата што Украина на крајот би ја напуштила. Сè уште не е јасно како таа област би функционирала во пракса.
Зеленски рече дека секој компромис во врска со територијата треба да го одлучи украинскиот народ на евентуален референдум.
Нуклеарната централа Запорожје, пак, најголемата во Европа, се наоѓа во близина на бојното поле и е управувана од руски сили.
Зеленски додаде дека целта на средбата со Трамп е да се „израмнат работите“ во предлозите и да се разговара за потенцијални договори поврзани со украинската економија. Тој рече дека не е подготвен да каже дали ќе биде потпишан договор за време на неговата посета, но дека Украина е отворена за тоа.
Договорот за безбедносни гаранции меѓу Украина и САД е „речиси готов“, а 90 проценти од нацртот на планот од 20 точки е завршен, додаде украинскиот претседател.
Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател Владимир Путин, разговарал со администрацијата на Трамп откако Москва доби американски предлози за можен мировен договор, соопшти Кремљ. Рускиот весник „Комерсант“ објави дека Путин им рекол на некои водечки руски бизнисмени дека можеби е подготвен да размени дел од територијата што ја држат руските сили на други места во Украина, но дека за возврат го сака целиот Донбас.

Македонски






