
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја стави црноморскиот град Одеса под воена управа, поради конфликт со градоначалникот на градот, Генадиј Труханов.
Со указ, Зеленски воспостави нова воена администрација и го назначи генералот на разузнавањето Серхиј Лисак за нејзин раководител.
Лисак истовремено беше разрешен од функцијата воен гувернер на Дњепропетровската област, функција што ја извршуваше повеќе од две и пол години, за да ја преземе новата должност.
Зеленски вчера му го одзеде државјанството на Труханов, кој повеќе од 10 години беше градоначалник на Одеса, наведувајќи дека поседува руски пасош.
Труханов го негира обвинението, најави дека ќе поднесе тужба против одлуката на Зеленски и продолжува да ја врши функцијата градоначалник.
Сепак, со губењето на државјанството, градскиот лидер фактички е отстранет од функцијата и може дури да се соочи со депортација.
Премногу безбедносни прашања во Одеса предолго останаа неодговорени, изјави Зеленски вчера без да наведе конкретни детали.
Тој додаде дека градот има потреба од посилна заштита и поголема поддршка.
Труханов, кој повеќепати ја осудуваше Русија за нејзините напади врз Одеса, е градоначалник на стратешки важниот пристаништен град со повеќе од еден милион жители од 2014 година.
Критичарите на Зеленски го обвинуваат дека сè почесто ги заменува избраните функционери со воени администрации предводени од негови луѓе од блиска доверба, пренесе ДПА.
Поради продолжената воена состојба, локалните избори што првично беа закажани за крајот на октомври се одложени. Мандатите на сите локални власти се продолжени до крајот на војната со резолуција на парламентот.
Зеленски одамна се соочува со обвинувања за авторитарни тенденции, меѓу другото и од градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Последниве денови се вжештија тензиите меѓу Кличко и Тимур Ткаченко – воениот администратор назначен од Зеленски. Претседателот неодамна го критикуваше Кличко поради прекините на струја предизвикани од руски напади со дронови.