
Стотици маскирани лица нападнаа полицајци и запалија куќи и возила во Балимина, Северна Ирска, во втора последователна ноќ на нереди поврзани со протест поради наводен сексуален напад.
Полицијата соопшти за сериозни безредија во градот, кој се наоѓа околу 45 километри од Белфаст, и ги повика граѓаните да го избегнуваат подрачјето.
Новинар на Ројтерс јави дека специјални единици со оклопни возила употребиле водени топови и гумени куршуми поради напади со Молотови коктели, градежни материјали и камења, пренесува БТА. Неколку возила беа запалени, а едно е пронајдено превртено во пламен.
Во првата ноќ од безредијата, во понеделникот, беа запалени четири куќи, а оштетени се прозорци и врати на домови и продавници. Полицијата го третира настанот како расно мотивирани злосторства од омраза.
Стотици демонстранти се собраа во Балимина откако двајца тинејџери беа изведени пред суд, обвинети за сексуално насилство врз тинејџерка од градот.
Весникот „Белфаст Телеграф“ јави дека обвиненијата биле преведени на романски, а и Би-Би-Си потврди дека обвинетите комуницирале преку судски преведувач. Во понеделникот беа повредени 15 полицајци, од кои неколку завршија во болница.