
Во глобална операција во која учествувале 21 земја, со поддршка на Европол е откриена мрежа вмешана во нарачани DDoS кибер напади, соопштени денеска европската полициска агенција.
Во рамките на координираната операција наречена PowerOFF, испратени се мејлови и писма со предупредување до 75.000 корисници, а четири лица се уапсени, додека истовремено се отстранети 53 домени и издадени се 25 налози за претрес, се додава во соопштението.
Како што се наведува, во заедничката акција учествувале Австралија, Австрија, Белгија, Бразил, Бугарија, Данска, Естонија, Финска, Германија, Јапонија, Летонија, Литванија, Луксембург, Холандија, Полска, Португалија, Шведска, Тајланд, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави.

На акцијата ѝ претходеле низа оперативни состаноци на експерти од националните полициски служби ширум светот за да спроведат мерки против корисниците на DDoS платформите и да ја подигнат свеста за незаконитоста на овие активности.
Припадниците на полицијата на земјите учеснички во акцијата ги прекинаа илегалните активности, демонтирајќи ја техничката инфраструктура која го поддржува извршувањето на нарачаните DDoS кибер напади врз целни веб-страници, сервери или мрежи. Нивната инфраструктура се состоела од сервери, бази на податоци и други технички компоненти кои овозможуваат нарачување на DDoS активности. Со запленувањето на оваа инфраструктура, властите беа во можност да ги попречат овие криминални операции и да спречат понатамошна штета по жртвите. Запленетите бази на податоци им овозможија на експертите на Европол да ги поддржат своите национални колеги во обезбедувањето податоци за преку три милиони криминални кориснички сметки, што доведе до низа координирани акции ширум светот.
DDoS нападите по нарачка се едни од најплодните и најлесно достапните трендови во кибер криминалот, овозможувајќи им на поединци со малку техничко знаење да ги следат упатствата чекор по чекор за извршување криминални напади. Овие кибер напади нанесуваат значителна штета на фирмите и поединците ширум светот таргетирајќи сервери, веб-сајтови или онлајн сервиси и правејќи ги недостапни за легитимните корисници.

Во рамките на операцијата PowerOFF, која продолжува, преземени се координирани напори на меѓународните полициски сили со цел разбивање на криминалната инфраструктура за изведување DDoS напади, се наведува во соопштението. Кога станува збор за поддршката на Европол, оваа агенција првенствено спроведе анализа на запленетите бази на податоци, ги идентификуваше и ги лоцираше корисниците и дистрибуираше известувања до сите држави членки на ЕУ и земјите со оперативни договори.
Како што се наведува, Европол исто така обезбеди аналитичка поддршка, експертиза во крипто-следење и форензичка помош. Европската полициска агенција, освен тоа, организираше следење на истражните траги во подготовка за завршната фаза на операцијата и воспостави команден пункт за време на акцијата.
Европската мултидисциплинарна платформа против криминални закани (EMPACT) се занимава со најважните закани кои ги претставуваат организираниот и тешкиот меѓународен криминал кој ја погодува ЕУ, се наведува во соопштението на Европол. Како што се додава, EMPACT ја зајакнува разузнавачката, стратешката и оперативната соработка меѓу националните власти, институциите и телата на ЕУ и меѓународните партнери. Платформата EMPACT функционира во четиригодишни циклуси фокусирајќи се на заедничките приоритети на ЕУ во областа на криминалот, наведено е во соопштението на европската полициска агенција.

Македонски


