
Германија, која беше погодена како и многу други западноевропски земји од серија интензивни топлотни бранови, го забележа своето најсмртоносно лето досега, со речиси 14.000 смртни случаи поврзани со жештините, соопшти Институтот Роберт Кох.
Прелиминарните бројки објавени од институтот даваат проценка на бројот на смртни случаи поврзани со топлотните бранови до 9 август. Тие екстремни периоди станаа поинтензивни и почести поради климатските промени, соопшти Институтот Роберт Кох.
Во Германија, најнаселената земја во ЕУ со 82 милиони жители, веќе е урнат претходниот рекорд поставен во 2018 година, кога вкупно имаше 8.900 смртни случаи поврзани со топлотните бранови.
Институтот соопшти дека 9.600 од 14.000 луѓе кои починаа оваа година од причини поврзани со високите температури починале во неделата од 22 до 28 јуни, кога во државата температурите беа над 41 степен Целзиусов на места.
Како и во другите европски земји, луѓето над 75 години беа најпогодени од екстремно високите температури, се вели во неделниот извештај на Институтот Роберт Кох.(МИА)

Македонски


