
Цените на природниот гас во Европа се зголемија за околу 120 проценти од почетокот на годината, а со ниското ниво на залихи во складиштата и ризиците од прекини во снабдувањето, европскиот пазар би можел да биде под дополнителен притисок пред зимата.
Уште еден топлотен бран и рекордни температури ја зголемуваат побарувачката за електрична енергија, а намаленото производство во нуклеарните и хидроцентралите мораше да се компензира со гасни електрани, токму во времето кога треба да се полнат складиштата на гас, пишува бриселскиот портал „Јуроњуз“.
Притисокот веќе се одразува на големопродажните цени на гасот. Европската референтна цена на гасот, на холандскиот TTF пазар, се зголеми за околу 120 проценти од почетокот на годината, достигнувајќи околу 63,7 евра за мегават-час на 18 август.
Цените на гасот се уште се далеку под рекордните 350 евра за мегават-час достигнати за време на енергетската криза во 2022 година по руската инвазија на Украина, но европските земји влегуваат во период на складирање со залихи под нормалните нивоа за ова време од годината.
Европските складишта за гас беа полни само околу 57 проценти на почетокот на август, што е најниско ниво за овој период од годината.
Според правилата на ЕУ, складиштата треба да бидат полни до најмалку 90 проценти од капацитетот, но на членовите им е дозволена флексибилност да ја достигнат таа цел помеѓу 1 октомври и 1 декември, со можност за дополнително отстапување во случај на тешки пазарни услови.
Во споредба со 2021 година, Европа ја намали потрошувачката на гас за приближно 15 до 20 проценти.

Македонски


