
Над 300 деца се убиени или повредени во последните шест месеци во војната во Судан, најмногу во напади со дронови, соопшти денеска УНИЦЕФ.
Судан од април 2023 година е во граѓанска војна меѓу државната војска и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ). Според податоците на УНИЦЕФ, војната сега е концентрирана во сојузните држави Кордофан, Дарфур и Сини Нил. Организацијата за деца на ОН додаде дека 60 отсто од жртвите настрадале во напади со дронови.
РСФ и војската во моментов се борат за контрола врз стратешкиот град Ел Обеид во Северен Кордофан, а Обединетите нации, САД, Обединетото Кралство и други земји изразија загриженост поради можни извршени злосторства.
Во војната досега се убиени најмалку 59.000 луѓе, раселени се околу 13 милиони, а во многу делови на Судан завладеа глад. На повеќе од 30 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош.
Обединетите нации ги повикаа сите страни да ги заштитат цивилите и цивилната инфраструктура, да овозможат и да олеснат безбеден, брз и непречен хуманитарен пристап, како и да ги преземат сите можни мерки за да се заштитат децата.(МИА)

Македонски



