Skip to main content

Унгарски министер: Украина воено го загубила конфликтот со Русија

Adobe

Унгарскиот министер за одбрана, Кристоф Салаи-Бобровницки, изјави дека, според ставот на неговата влада, Украина „воено го загубила“ конфликтот со Русија. Изјавата ја пренесе Ukrainska Pravda, повикувајќи се на унгарската агенција Telex.hu.

Министерот оцени дека додека трае „отворена вооружена конфронтација во соседството“, опасноста од намерна или случајна ескалација е „многу висока“ и претставува ризик и за Унгарија. Тој нагласи дека решението на конфликтот мора да биде дипломатско, а не воено.

Салаи-Бобровницки обвини дека американските напори за постигнување мир ги „поткопуваат европските лидери“, тврдејќи дека тие сакаат да го продолжат конфликтот.

„Унгарија и понатаму стои на страната на мирот“, додаде тој.

Министерот повтори ставови што Будапешта ги изнесува со месеци, наведувајќи дека околу илјада украински борци секојдневно се отстрануваат од бојното поле, од кои една четвртина загинуваат. Тој истакна дека украинската инфраструктура и земјоделство се во тешка состојба, што има „директни негативни последици и врз Унгарија“.

Според него, украинската армија функционира со околу 40% од својот капацитет, додека руските сили со 70%, па затоа „Украина од воен аспект го има загубено овој конфликт“.

На 28 ноември во Москва, унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна со Владимир Путин, повикувајќи на брз прекин на војната, но истовремено изрази надеж за стабилни енергетски договори со Русија. Орбан исто така предложи Украина да добие статус на „тампон-зона“ по завршувањето на конфликтот.

Поврзани вести