Skip to main content

Светот испраќа сочувство по земјотресот во Авганистан

 Неколку земји, како и Европската унија, изразија сочувство по силниот земјотрес што го погоди северниот дел на Авганистан, во кој според официјални извештаи загинаа 20 лица, а стотици беа повредени.

Националната агенција за управување со катастрофи соопшти дека 20 лица загинале, а 643 се повредени, коригирајќи ги претходните податоци на државната новинска агенција Бахтар, која јави за 27 загинати и повеќе од 700 повредени.

Пакистан, Индија, Иран, Јапонија, Саудиска Арабија и Обединетото Кралство изразија сочувство за жртвите и поддршка на народот на Авганистан.

Комесарката на ЕУ за еднаквост, подготвеност и управување со кризи Хаџа Лахбиб изјави дека веста е „претажна“ и оти ЕУ стои во солидарност со авганистанскиот народ.

– Нашиот хуманитарен персонал и партнери на терен ги проценуваат потребите за да обезбедат помош, напиша таа на X.

Индискиот министер за надворешни работи Субрахманјам Џајшанкар најави испораки на помош, додека Иран изрази подготвеност да учествува во потрага и спасување на погодените.

Најпогоденото подрачје била провинцијата Балх, соопштија властите. Еден жител на градот Мазар-е-Шариф изјави за државната телевизија RTA дека никогаш не почувствувал толку силен потрес и дека морал да скокне од прозорец, при што си ја скршил ногата.

Историската Сина џамија во Мазар-е-Шариф исто така претрпела оштетувања. Видео од TOLOnews покажува урнатини околу објектот. Според официјални лица, во провинцијата Бадахшан биле уништени или оштетени околу 800 куќи.

Авганистанската електроенергетска компанија соопшти дека земјотресот оштетил далноводи, оставајќи го Кабул и уште неколку провинции без струја. Подоцна, еден од далноводите што пренесува струја од Таџикистан бил повторно поврзан.

Според Американската геолошка служба (USGS), потресот бил на длабочина од 28 километри во провинцијата Балх. Жители изјавиле дека тресење се почувствувало и во главниот град Кабул.

Земјотресот се случи само два месеца по катастрофалниот потрес во источниот дел на земјата, во кој загинаа над 2.000 луѓе.

Талибанската влада изрази сочувство до семејствата на жртвите и соопшти дека сите надлежни институции се ангажирани да испорачаат итна медицинска, прехранбена и друга неопходна помош на погодените области.

Поврзани вести