
Новата група царини на американскиот претседател Доналд Трамп стапија во сила утрово за приближно 60 земји низ светот.
Од 6 часот утрово Кина сега се соочува со вкупна царина од 104 отсто за увоз.
За Виетнам беше воведена царина од 46 отсто, за Тајланд 36 отсто, за Јапонија 24 отсто и за Европската Унија 20 отсто.
Почнаа да пристигнуваат првите официјални реакции од Кина за американските царини од 104 отсто наметнати на кинески стоки.
САД продолжуваат да ги злоупотребуваат царините за да вршат притисок врз Кина. Кина цврсто се спротивставува на ова и никогаш нема да го прифати овој облик на насилничко однесување, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека ако САД навистина сакаат да ги решат проблемите преку дијалог и преговори, треба да заземат „став на еднаквост, почитување и заемна корист“.
Кина ќе продолжи да презема решителни и ефективни мерки за заштита на своите права и интереси, рече Лин.
На Волстрит цените на акциите вчера повторно остро паднаа, при што индексот С&П 500 падна на најниското ниво во една година.
Акциите во Индија се во пад во почетокот на трговскиот ден, откако утринава стапија во сила царините наметнати од Трамп.
Паѓаат и азиските берзи. Јапонскиот берзански индекс Никеи падна за 5 отсто, додека јенот зајакна за 1 отсто поради ефектите од новата тарифна политика на Трамп.
Како што пренесува АФП, паѓаат и акциите во Тајван, при што во попладневното тргување индексот ослабе за 5,8 отсто.
Главните берзански индекси во Лондон и низ Европа паднаа во првите часови од тргувањето утринава, откако стапија во сила царините од Доналд Трамп.
Лондонскиот ФТСЕ 100 падна за 2,2 отсто во почетокот на тргувањето, со што се поништи поголем дел од добивките во вторникот.
Германскиот индекс ДАКС падна за околу 2,3 отсто, додека францускиот ЦАЦ 40 за 2,4 отсто. Во минус беше и шпанскиот индекс ИБЕКС со пад од 2 отсто.